Gamze Türkoğlu Oğuz
21 Март 2018•Ажурирај: 22 Март 2018
САО ПАОЛО, (AA) – Властите на Бразил најавија вакцинација низ целата земја поради епидемијата на жолта треска, од која починаа најмалку 300 заразени луѓе, јавува Anadolu Agency (AA).
Бразилскиот министер за здравство, Рикардо Барос, објави дека до крајот на годината, речиси 78 милиони луѓе ќе добијат вакцина против жолта треска во сите 27 бразилски сојузни држави.
Епидемијата на жолта треска во Бразил се појави во јули минатата година, а ресорниот министер Барос соопшти дека досега се пријавени 920 случаи заболени од оваа болест, од кои починале најмалку 300 лица.
Провинцијата Минас Хераис во изминатите неколку недели беше најмногу погодена од епидемијата. Беа заразени најмалку 314, а починаа 103 лица.
Жолтата треска е акутна болест. Таа е предизвикана од вирус пренесен од комарци, главно од видот Aedes aegypti.
Во повеќето случаи, симптомите се покачена телесна температура, губење апетит, гадење, болка во мускулите, особено болки во грбот и главоболка. Симптомите генерално се подобруваат по пет дена.
Поради оштетување на крвните садови и згрутчување на крвта, треската предизвикува крварење во органите, а жолта се нарекува затоа што кај одреден број пациенти предизвикува жолтица.