свет

Египетски камиони со хуманитарна помош ќе влезат во Газа преку преминот Керем Шалом

Камионите, натоварени со витално потребни хуманитарни средства, чекаат дозвола за преминување кон Керем Шалом, каде што ќе биде истоварена нивната содржина за натамошна дистрибуција во опколената палестинска енклава.

Rania R.a. Abushamala  | 28.07.2025 - Обновена : 29.07.2025
Египетски камиони со хуманитарна помош ќе влезат во Газа преку преминот Керем Шалом

ИСТАНБУЛ (АА) – Египетските камиони со хуманитарна помош, кои се наоѓаат во близина на граничниот премин Рафа, денеска по втор пат ќе влезат во Појасот Газа преку преминот Керем Шалом, кој е под контрола на Израел, јави телевизијата „Ал-Кахира“, јавува Анадолу.

Камионите, натоварени со витално потребни хуманитарни средства, чекаат дозвола за преминување кон Керем Шалом, каде што ќе биде истоварена нивната содржина за натамошна дистрибуција во опколената палестинска енклава.

Според извештајот, пратката содржи големи количини брашно – најдефицитарната стока во Газа – како и опрема за санација на уништената инфраструктура.

Египетската Црвена полумесечина, која има континуирано присуство во граничниот град Ариш, и понатаму ја координира и овозможува испораката на помош од Египет и разни меѓународни донатори.

Последниот конвој, организиран од оваа организација, опфаќа над 100 камиони што пренесуваат повеќе од 1.200 тони хуманитарна помош, вклучувајќи приближно 840 тони брашно и 450 тони разни пакети со храна.

Според „Ал-Кахира“, од почетокот на хуманитарната криза во Газа досега вкупно околу 35.000 камиони со помош влегле во енклавата благодарение на координацијата меѓу Египет и меѓународните партнери.

Медиумскиот центар на Газа соопшти дека во последните 24 часа во опколената енклава влегле само 73 камиони со помош, додека гладот продолжува да се продлабочува како резултат на долгата израелска блокада.

Палестинските власти истакнуваат дека на Газа ѝ се потребни најмалку 600 камиони дневно за да се задоволат основните потреби на 2,4 милиони жители.

Во неделата, Израел најави планови за привремени локализирани прекини на огнот за да се овозможи доставата на помош преку безбедни хуманитарни коридори, откако десетици Палестинци починаа од глад.

Кризата со глад во Газа се претвори во хуманитарна катастрофа. Застрашувачките снимки покажуваат сериозно ослабени жители, некои направени кожа и коски, како се онесвестуваат од исцрпеност, дехидрација и продолжено гладување.

Израел одржува блокада на Газа веќе 18 години, а од 2 март ги затвори сите премини, влошувајќи ги хуманитарните услови во енклавата.

Отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, израелската Армија спроведува брутална офанзива врз Газа од 7 октомври 2023 година, при што се убиени речиси 60.000 Палестинци, повеќето од нив жени и деца. Немилосрдното бомбардирање ја уништи енклавата и доведе до недостиг на храна.

Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел е обвинет за геноцид во Меѓународниот суд на правдата за својата војна врз енклавата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.