Ferdi Bayat
29 Јануари 2022•Ажурирај: 31 Јануари 2022
КАИРО (АА)
– Ферди БАЈАТ
Некрополата стара 2.350 години во египетскиот град Минја опкружена е со ридови и содржи стотина мумифицирани „свети животни“, а и денес ги чува своите тајни и мистерии, пишува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите објавени на службените страници на египетското Министерство за туризам, постојат подземни гробници врежани во карпи за погребување на мумифицираната света птица ибис и на бабунот.
Тие подземни гробишта, познати и под името „Град на мртвите“, изградени меѓу 350 и 300 година пред новата ера, се откриени од египетскиот археолог Сами Гарба во 1932 година.
- Морничавиот поглед на мумифицираните мајмуни
Една од посетителките, Емира Ибрахим, за АА рече дека за тој древен локалитет во Минја дознала со посредство на друштвените медиуми и дека ја заинтересирале фотографиите што ги погледнала.
„Малку истражував и посакав да го посетам овој подземен комплекс. Тој е навистина супер стварен. Кога ќе го погледнам мумифицираниот мајмун, чувствувам како да зјапа во мене и ме набљудува“, изјави Ибрахим.
Подземната гробница, која се состои од четири одвоени делови, и чиј најстар дел се проценува дека потекнува од 26. фараонска династија, содржи стотици мумифицирани свети бабуни на храмот и птици ибис.
Истакнувајќи дека имињата на животните, нивните видови, причината за смртта и имињата на нивните сопственици исто така се наоѓаат врежани во карпите во подземните гробишта, Ибрахим кажа дека казната за убивање на светата птица ибис во периодот на фараоните била смрт.
- Верување во воскреснување на животните кои се сметани за свети
Дунја Ахмет, уште една од посетителките на гробиштата, рече дека е импресивен и самиот дизајн на гробницата на пророкот Анкхор, кој ги мумифицирал и закопал животните.
„И покрај тоа што изминале илјада години, гробниците го сочувале својот сјај. Старите Египќани ги мумифицирале животните кои ги сметале за свети бидејќи верувале во нивното воскреснување по смртта“, рече Ахмед.
Посетителот Нурхан Тевфик во Минја дошол со пријатели по трагата на тажната приказна за Изидора, ќерка на богато семејство за која се претпоставува дека живеела таму во вториот век.
Тевфик рече дека станува збор за приказна со тажен крај во кој Изодора сакала да се омажи за војник во кој се вљубила, но нејзиниот татко и брат биле против тој брак и таа се удавила во Нил додека бегала со момчето во кое била вљубена.
Тој кажа дека на гробот на Изидора била испишана древна грчка поема, а богатиот татко наредил неговата ќерка да биде мумифицирана и погребана во некрополата што ја изградил во тој дел на Минја.
„Истражувањето покажа дека секоја мумија тука има своја уникатна приказна“, рече Тевфик.
Археолошките истражувања во Туни ел-Гебел вршени се од 1932 до 1952 година, а 20-годишното истражување го водеше Универзитетот во Каиро. Во тој регион, покрај некрополата на мумифицирани животни, се наоѓаат уште најмалку 39 некрополи кои настанале од 4 век пред новата ера до 2 век во новата ера.