Ekipa
05 Февруари 2021•Ажурирај: 09 Февруари 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Медиуми и извори за човекови права во Египет и Катар синоќа објавија дека египетските власти го ослободиле новинарот на „Ал Џезира“, Махмуд Хусеин, јавува Агенција Анадолија (АА).
Хусеин е приведен кон крајот на 2016 година, откако се враќал во Египет од Катар.
Властите го обвинија за припадност на забранета група и ширење лажни вести со цел дестабилизација на земјата.
Новинарите на „Ал Џезира“, Џамал и Сара Рафат, Хосам ел Шорбаги и активистот за човекови права, Гамал Еид, го потврдија ослободувањето на Хусеин.
Египетските власти го ослободија Махмуд Хусеин, новинарот на „Ал Џезира“, по административниот притвор кој траеше повеќе од четири години.
Египетската опсерваторија за новинарство и медиуми соопшти дека Кривичниот суд на Каиро во понеделникот одлучил да го ослободи Хусеин со мерки на претпазливост додека истрагата не биде завршена.
Каиро, „Ал Џезира“ и семејството на Хусеин сѐ уште не ги коментираа овие вести.
„Ал Џезира“ официјално беше забранета во Египет по воениот пуч во 2013 против Мухамед Морси, првиот демократски избран претседател на земјата.
Ослободувањето на Хусеин се случи речиси еден месец по договорот за ставање крај на тригодишната блокада на Катар од страна на Египет, Саудиска Арабија, Бахреин и ОАЕ.