Hamdi Yıldız
18 Јануари 2021•Ажурирај: 19 Јануари 2021
ИСТАНБУЛ
Египетскиот суд одлучи да ги заплени имотите на 89 членови на Организацијата „Муслиманско братство" (Ихван), вклучително и на наследниците на поранешниот претседател Мухамед Морси, првиот демократски избран претседател на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на државниот весник „Ахбар ел Јаум“ (Ahbar el-Yevm), судот во Каиро го запленил имотот на 89 лица од раководството на „Муслиманско братство", вклучувајќи ги и сопругата и децата на Морси како негови наследници.
Комитетот за конфискација на имотот на „Муслиманско браство" побара од властите имотот на оваа организација да се пренесе на државата.
Покрај на наследниците на Морси, запленет е и имотот на Мухамед Беди, едно од водечките имиња на „Муслиманско братство", и неговиот заменик Хајрат Шатир, на генералниот секретар на Партијата за слобода и правда (HAP), Мухамед ел-Билтаџи, членот на „Муслиманско братство", Абдурахман ел-Бер, а исто така и имотите на министрите во Владата на Морси, Басим Удех и Усаме Јасин.
Исто така се наведува дека судската одлука ги опфаќа имотите на сопругата на Морси, Неџла Али Махмуд, и на нивните деца Ахмед, Шејма, Усаме и Омер.
Сè уште нема никаква изјава во врска со ова прашање од семејството на Мухамед Морси и гореспоменатите лица.
Во писмената изјава дадена од Центарот за човекови права на младите, чие седиште се наоѓа надвор од Египет, се нагласува дека одлуката е донесена под сомнение за поврзаност со терористичка организација и дека политички се осудува конфискацијата на имотот на граѓаните.
По воениот удар во јули 2013 година, „Муслиманско братство" беше прогласена за терористичка организација во декември истата година.