АНКАРА (АА) - Европските земји континуирано го снабдуваат Израел со оружје кој ја продолжува својата воена офанзива во Газа, иако од страна на Меѓународниот суд на правдата (МСП) е обвинет за геноцид, јавува Анадолу.
Анадолу собра детали за воената продажба на европските земји на Израел од почетокот на неговата војна со Хамас и агресија на Појасот Газа од 7 октомври 2023 година.
Франција, Италија и Германија, заедно со САД, учествуваа со 81 отсто во извозот на оружје на Блискиот Исток меѓу 2019 и 2023 година, според Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (SIPRI), независен меѓународен институт со седиште во Шведска, посветен на истражување на конфликти, вооружување, контрола на вооружувањето и разоружување.
Воените трошоци на Израел со раст од 24 отсто се зголемија на 27,5 милијарди долари по нападите врз Газа, што го прави вториот по големина трошач на оружје на Блискиот Исток.
Од 2014 до 2022 година, Европската Унија му додели лиценци за извоз на Израел во вредност од околу 6,3 милијарди евра (6,8 милијарди долари).
Се сомнева дека ова оружје придонело за смртта на повеќе од 38.000 цивили во Газа, вклучувајќи 10.000 жени и повеќе од 15.000 деца.
Иако некои европски земји, вклучувајќи ги Белгија, Италија, Холандија и Шпанија, одлучија да ја прекинат продажбата на оружје на Израел, имаше извештаи во печатот дека оваа трговија на некој начин продолжила.
- Клучни европски снабдувачи на оружје -
Германија останува најголемиот европски снабдувач на оружје на Израел, обезбедувајќи околу 30 отсто од израелскиот увоз меѓу 2019 и 2023 година. Во 2023 година, испораките на германско оружје за Израел се зголемија десеткратно на 326,5 милиони евра, достигнувајќи го својот врв по 7 октомври.
Најголемиот дел од извозот на оружје на Франција во период од 2019 до 2023 година отиде во земјите на Блискиот Исток, што претставува 34 отсто од нејзиниот вкупен извоз. Познато е дека земјата обезбедува делови за ракетниот одбранбен систем на Израел, познат како „Железна купола“.
И покрај законите за ограничување на продажбата на оружје на прекршителите на човековите права, Италија продаде оружје во вредност од 2,1 милион евра на Израел во последниот квартал од 2023 година. Италијанскиот министер за одбрана Гидо Крозето тврди дека немало нови трансфери на оружје за Израел од 7 октомври, иако има извештаи за тековните продажби од компании како Леонардо. Дозволите за извоз на Италија во Израел меѓу 2014 и 2022 година, вклучително и за воени бродови, мало оружје, артилерија, авиони и муниција, се со вкупна вредност од 114 милиони евра.
Велика Британија од 2015 година има издадено лиценци за оружје за Израел во вредност од повеќе од 448 милиони фунти (576 милиони долари). Покрај тоа, 15 отсто од материјалите што се користат во производството на борбените авиони Ф-35 што ги купи Израел, од 2016 година се испорачуваат од британски компании, покажува извештајот на добротворната организација „Акција за вооружено насилство“ со седиште во Лондон.
Шпанија нема пријавено никаква продажба на оружје на Израел од 7 октомври, но податоците од ноември 2023 година покажуваат трансфер на муниција во вредност од 987.000 евра. Во период меѓу 2014 и 2022 година, Шпанија издаде дозволи за извоз во вредност од 99 милиони евра, вклучително и за муниција и воени возила.
- Други европски снабдувачи -
Холандија во период од 2014 до 2022 година издала лиценци за дозвола за оружје за Израел во вредност од 19 милиони евра, достигнувајќи го врвот од 10 милиони евра само во 2022 година. Судската одлука во земјата во 2024 година го запре извозот на делови за Ф-35 во Израел, наведувајќи го ризикот од кршење на хуманитарното право.
И покрај стопирањето на продажбата на оружје, Белгија му префрли на Израел оружје во вредност од 46 милиони евра во периодот од 2014 до 2022 година, вклучувајќи експлозиви и делови за авиони.
Португалија издаде повеќе од 12,5 милиони евра дозволи за извоз во Израел, од кои повеќето за материјали поврзани со авиони.
Дозволите за оружје на Австрија за Израел изнесуваа вкупно 33 милиони евра, на Словачка 117 милиони евра, а извозот на оружје на Чешката Република изнесуваше вкупно 127 милиони евра во период од 2014 до 2022 година, со неодамнешните испораки на балистички елеци и воена опрема.
Продажбата на Унгарија надмина 15 милиони евра, со забележителни договори за производство на беспилотни летала во кои се вклучени израелски и германски компании.
Извозот на оружје на Полска во Израел изнесува 4,9 милиони евра, 6,1 милион евра на Словенија и 427 милиони евра на Романија вклучувајќи авиони, воени возила и трансфер на муниција.
Бугарското оружје од 49 милиони евра вклучуваше експлозиви и лесно оружје.
Српската државна компанија „Југоимпорт-СДПР“ објави извоз на оружје во ведност од 14 милиони евра во Израел на почетокот на 2024 година.
Вкупната вредност на 21-та дозвола за извоз меѓу Грција и Израел е забележана на 7,6 милиони евра.
- Нордиски, балтички земји -
Шведска издаде лиценци во вредност од помалку од 1,3 милиони евра за нишани на оружје и системи за контрола, со значителен договор со израелската „Елбит системс“ вреден 170 милиони долари кон крајот на 2023 година.
Норвешките компании, наводно, ги заобиколиле ограничувањата со кои се забранува продажбата на оружје во конфликтните зони преку странски подружници.
Лиценците издадени од Данска за Израел се во вредност од повеќе од 1 милион евра, додека издавањето лиценци во вредност од 403.000 евра во 2022 година беше најголемата продажба досега меѓу двете земји. Земјата се соочува со тужба од група невладини организации за извоз на оружје во Израел.
Лиценците од 2,4 милиони евра на Финска опфаќаа електронска опрема, оклоп и нишани за оружје.
Лиценците од 5,9 милиони евра на Летонија достигнаа врв од 4,1 милион евра во 2022 година. Естонија и Литванија имаа минимален извоз од околу 300.000 евра секоја, главно мало оружје.
- Хрватска, Луксембург, Малта, Јужен Кипар -
Дозволите од 681.000 евра на Хрватска опфаќаа вооружување и муниција. Дозволите за извоз меѓу Луксембург и Израел изнесуваат приближно 671.000 евра, додека вкупната вредност на извозните дозволи од Малта во Израел надмина 17,5 милиони евра.
Дозволите на Јужен Кипар беа во вредност од 97.000 евра, со наводна поддршка за западната воена логистика на Израел.
Прекршувајќи ја Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива со неселективно бомбардирање на цивилните населби, училишта, верски објекти и болници во Појасот Газа од 7 октомври минатата година.
Според локалните здравствени власти, оттогаш се убиени повеќе од 38.300 Палестинци, главно жени и деца, а најмалку 88.241 се повредени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, чија последна одлука им наложи на израелските власти веднаш да ја прекинат воената операција во јужниот град Рафа.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.
news_share_descriptionsubscription_contact
