Gökhan Ergöçün
26 Март 2019•Ажурирај: 27 Март 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Европскиот парламент (ЕП) денес соопшти дека ги одобрил новите правила за авторските права на интернет, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Креативците и новите издавачи ќе бидат овластени да преговараат со интернет-гигантите, благодарение на новите правила за авторски права“, се вели во соопштението на Европскиот парламент.
Европскиот парламент соопшти дека новите правила кои се усвоени со 348 гласа „за“, 274 „против“ и 36 воздржани, исто така вклучуваат мерки за заштита на слободата на изразување.
Новата директива ќе им даде шанса на креаторите на содржини - музичари, изведувачи и автори на сценарија, издавачи на вести - да вклучат договори за подобра заработка со технолошките гиганти, како што се „Јутјуб“ („YouTube“), „Фејсбук“ („Facebook“) и „Гугл њуз“ („Google News“).
„Во моментов интернет-компаниите немаат поттик да потпишат договори за фер лиценцирање со носителите на права, бидејќи не се сметаат за одговорни за содржината што им ја пренесуваат на нивните корисници“, пишува во соопштението.
Во соопштението се истакнува дека овие правила ќе ги направат интернет-компаниите одговорни и ќе ги зголемат шансите на сопствениците на правата да обезбедат договори за фер лиценца.
Европскиот парламент истакнува дека некомерцијалните платформи, како што е Википедија, нема да подлежат на овие правила.
Аксел Фос, пратеник во Европскиот парламент, рече: „Оваа директива е важен чекор кон поправање на оваа ситуација која им овозможи на неколку компании да заработуваат огромни суми пари, без соодветен надоместок за илјадниците креативци и новинари, од чија работа зависат.“
„Ова е директива која ги штити луѓето, ја заштитува демократијата со одбрана на разновидниот медиумски пејсаж, ја зачувува слободата на изразување и ги поттикнува почетниците и технолошкиот развој“, додаде тој.
Законодавниот процес за воведувањето нови правила започна во 2016 година.