Ekip
04 Мај 2022•Ажурирај: 05 Мај 2022
БРИСЕЛ (АА) - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предложи воведување шести пакет санкции против Русија поради војната во Украина, што ќе вклучува забрана за увоз на руска нафта, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Европската комисија предлага целосна забрана за увоз на руска нафта, сурова и рафинирана, транспортирана по море или нафтоводи“, рече Фон дер Лајен во говорот на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур, Франција.
Доколку биде усвоена, забраната за увоз на руска сурова нафта ќе стапи на сила по шест месеци, а забраната за рафинирани нафтени деривати до крајот на годината.
Фон дер Лајен рече дека новите санкции тешко ќе ги погодат земјите членки на ЕУ кои се силно зависни од руската нафта, но нагласи дека тоа е потег што ЕУ едноставно мора да го направи.
Таа нагласи дека санкциите „ќе го максимизираат притисокот врз Русија“.
„Новите санкции, исто така би биле насочени и кон воените офицери и поединци кои извршиле воени злосторства во Буча и одговорните за опсадата на Мариупол. Ова испраќа уште еден важен сигнал до сите протагонисти на политиката на Кремљ. Знаеме кои сте, ќе ве сметаме за одговорни. Нема да се извлечете со ова“, изјави Фон дер Лејен.
Пакетот, исто така, ќе ја прошири листата на руски банки исклучени од меѓународниот платен систем СВИФТ, вклучувајќи ја и најголемата руска банка „Сбербанк“.
Овие мерки допрва треба да бидат усвоени од земјите членки на ЕУ, кои долго време се поделени околу намалувањето на рускиот увоз на енергија.