ТУРГУТ АЛП БОЈРАЗ
Евреинот Ели Гезиџи, кој најпрвин од областа Сиверек во Шанлиурфа емигрирал во Антакија, а во 1960 година заедно со семејството се иселил во Израел, истакнува дека секогаш им недостигала Турција.
Ели Гезиџи 46 години е сопственик на ќебапчилница во улицата „Јафа“ во Западен Ерусалим (Западен Кудс). Тој во разговор за Агенција Анадолија (АА) ја раскажа својата невообичаена животна приказна од 73 години, започната во Сиверек и која сега продолжува во Израел.
Гезиџи истакна дека во Сиверек каде што е роден и живеел до својата осумгодишна возраст, имало околу 100 еврејски семејства и дека скоро сите мигрирале во Израел, а мал дел во Истанбул.
Нагласувајќи дека еврејската заедница во Сиверек има место за молитви и синагога, 73-годишниот Гезиџи рече дека таму молитвите се учат на хебрејски јазик, но дека тие не знаат хебрејски и зборуваат турски јазик.
„Знаевме малку арапски јазик. Татко ми знаеше и курдски. Се сеќавам дека белешки фаќаше на турски јазик со арапски букви“, истакна Гезиџи.
Изјавувајќи дека неговото семејство порано го носело презимето Аџеми, Ели рече дека неговиот татко подоцна го претпочитал презимето Гезиџи.
На прашањето зошто го избрале тоа презиме, Ели со насмевка на лицето рече: „Затоа што патувавме.“ (Гезиџи – човек кој патува).

Наведе дека луѓето во Израел имаат тешкотии да го изговараат неговото презиме и дека презимето го промениле во Гезит, а ресторанот за ќебапи го нарекле „Гезит донер“.
- „Дедо ми се приклучи на османлиската војска во Првата светска војна, и никогаш не се врати“
Истакнувајќи дека неговиот татко се викал Рахимим, Гезиџи рече дека неговиот дедо го загубил животот во Првата светска војна.
„Мојот дедо се викал Несим Аџеми. Во Првата светска војна се приклучил на османлиската војска и повеќе не се вратил. Затоа никогаш не го видов“, рече Гезиџи.
- „Маалото во кое живеевме во Сиверек воопшто не е променето“
Истакнувајќи дека татко му во Сиверек имал продавница за фустани, Гезиџи рече дека вујко му работел со зачини и дека Сиверек за последен пат го посетил пред шест години.
„Кога се иселувавме од Сиверек, татко ми ги продаде дуќанот и куќата. Го посетив Сиверек и ги видов продавницата и куќата на татко ми. Маалото е исто како што беше. Истата куќа и истиот дуќан сѐ уште стојат“, раскажа Ели.
Посочувајќи дека маалото во кое живееле во Сиверек воопшто не е променето, Гезиџи рече: „И нашата куќа стои како што беше. Само околу неа се изградени некои нови згради.“
Гезиџи наведе дека откако се формирал Израел, татко му претпочитал заедно со деветте деца да се насели таму.
На прашањето што би било подобро, да останеле во Турција или пак тоа што се иселиле во Израел, Гезиџи рече: „Судбина е тоа, не знам како би било да останевме во Турција. Без оглед на тоа каде сме, Господ само здравје да ни даде.“
- „Во Антакија научив да читам и пишувам“
Гезиџи, истакнувајќи дека Сиверек го напуштил кога имал 8 години и се населил во градот Антакија, рече дека таму живеел до 13 години и таму научил да чита и да пишува.
Нагласи дека заедно со семејството 60 години живее во Западен Ерусалим (Западен Кудс) и дека никогаш не се откажал од земјата каде што е роден.
„Често одам во Турција. Ги посетувам Урфа, Антакија и Сиверек“, додаде Ели Гезиџи.

- „Поради копнежот за Турција, плачев секоја вечер“
Гезиџи посочи дека девет од десетте браќа се родени во Турција, а еден во Израел, и дека кога пристигнале во Израел воопшто не знаеле хебрејски, затоа и тешко им паднало приспособувањето.
„Се соочивме со многу тешкотии кога се населивме во Израел. Копнеев по Турција и плачев секоја вечер. Особено многу тешко беше во првите две години. Секогаш ни недостигаше Турција. Благодарам на Бога, сега малку се навикнавме на ова место.“
Ели Гезиџи, кој има три сина и една ќерка, рече дека неговите деца не зборуваат добро турски.
„Нашите деца ги обожаваат турските песни, многу го сакаат Ибрахим Татлисес. Кога беа мали, ги научив неколку збора, како што се ‘Како си, што правиш‘, но остана само на тоа. Сега веќе пораснаа, се оженија. Од сега па натаму тешко дека ќе научат“, додаде Гезиџи.
- „Кога се радував на голот на Турција постигнат против Израел, еден Израелец ми се налути“
Газеџи раскажа и за еден спомен кога бил да го гледа фудбалскиот натпревар меѓу Израел и Турција.
„Мислам дека беше 1961 година. Фудбалската репрезентација на Турција дојде во Израел. И јас отидов да го гледам натпреварот. Секако, бев меѓу навивачите на Израел. Турција постигна гол. Се израдував и станав на нозе. Едно израелско дете ме искара и ме праша: ‘Седни, ти од Турција си?‘“, нагласи Ели Гезиџи.
Изјавувајќи дека сѐ уште ги памети имињата на некои турски фудбалери кои настапиле за репрезентацијата, Гезиџи рече дека двајца од фудбалерите биле познати како Кучук (Мал) Ахмет и Бујук (Голем) Ахмет.
- „Периодот на карантин го поминав дома гледајќи ги турските телевизии“
Наведувајќи дека дома може да ги гледа сите турски телевизиски канали, Гезиџи рече: „Секоја вечер вестите ги гледам на турските телевизии, исто така слушам и музика.“
Додаде дека едномесечниот полициски час во Израел поради епидемијата го минал дома гледајќи турски канали, и рече: „Преку ден излегував од дома и пешачев еден час. Надвор од тоа, целиот ден го минував гледајќи турски телевизии.“
- „Неделно најмалку еднаш-двапати дома правиме чиг-ќофте“
И покрај тоа што поминале децении откако ја напуштиле Турција, Гезиџи наведе дека сѐ уште се собираат по домовите, прават чиг-ќофте и пеат народни турски песни.
„Секако дека пеам. Секоја сабота ги слушам Мустафа Кесер, Ибрахим Татлисес. Тој дојде во Израел, го видовме. Ги пее песните од Урфа. Го сакаме него затоа што и ние сме од Урфа. Татлисес е еден голем човек кого го сакаме. Не се откажавме ниту од чиг-ќофте. Неделно најмалку еднаш-двапати дома правиме луто чиг-ќофте со или без месо. Дома ги готвиме сите специјалитети на Урфа.“
На прашањето кој ќебап е поубав, тој од Урфа или тој што го прават во Израел, Гезиџи нагласи:
„Нема никаде како ќебапот од Урфа. Дома правиме чиг-ќофте. Сите што се дојдени од Урфа прават чиг-ќофте. Исто така правиме и сарми.“
Истакнувајќи дека негови омилени музичари се Мустафа Кесер и Ибрахим Татлисес, Гезиџи рече дека многу сака турски народни и класични песни.
Откако му реков дека гласот на луѓето од Урфа е прекрасен, ми одговори: „И тоа како“.
- „Имавме добри односи со муслиманите“
Во Турција имал добри односи со муслиманите, за што рече: „Сѐ уште имам пријатели Турци муслимани и со нив зборувам на телефон. Имам во Истанбул, во Антеп во Урфа.“
Гезиџи, меѓу другото, додаде:
„Во Сиверек веќе немам роднини, сите се преселија. Во Истанбул имаме некои роднини. Сѐ уште имам пријатели муслимани Турци во Шанлиурфа. Еден ден бев на гости кај еден од нив. Ја сакам Урфа и копнеам по неа.“
- Во Израел постојат две синагоги кои припаѓаат на Евреите од Урфа и Дијарбакир
Гезиџи, истакнувајќи дека повеќето од Евреите кои емигрирале во Израел од Шанлиурфа се населиле во Западен Ерусалим (Западен Кудс), рече: „Јас сѐ уште живеам тука, но Евреите од Урфа сега се во сите делови на Израел.“
Во врска со тоа дека во близина на неговата куќа во Западен Ерусалим (Западен Кудс) Евреите од Урфа изградиле синагога за богослужба, Гезиџи нагласи: „Синагогата се вика Синагога „Урфа“, а во нејзина близина има и Синагога „Дијарбакир“.“
На вратата од оваа синагога што ја отворија Евреите од Урфа, на хебрејски стои: „Синагога во заедницата Урфа“.
Се проценува дека денес неколку стотици еврејски семејства со потекло од Шанлиурфа живеат во Израел.
news_share_descriptionsubscription_contact
