Aysu Biçer
24 Декември 2021•Ажурирај: 25 Декември 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека економската клима во Турција ќе биде сосема поинаква до претстојното лето, кога ќе се воспостави рамнотежа во финансискиот систем, јавува Агенција Анадолија (АА).
На состанокот со претставници на печатот и академската заедница во Претседателскиот кабинет во Долмабахче во Истанбул, Ердоган ги повика универзитетските професори и економистите да придонесат кон новиот економски модел на Владата преку формулирање решенија и давање насоки.
Тој рече дека Турција иницира историска промена во економската политика, додавајќи дека го оставила настрана класичното разбирање за контрола на инфлацијата со високи каматни стапки.
„Поточно, [Турција] усвои економска политика заснована на раст на земјата преку инвестиции, вработување, производство, извоз и тековен суфицит“, објасни тој.

Ердоган потсети дека Турција веќе одамна нема никаков долг кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
„Во моментов немаме долг кон ММФ, ниту имаме контакт со него“, рече Ердоган.
Тој истакна дека долгот на Турција кон ММФ изнесувал 23,5 милијарди долари кога дошле на власт [Партијата за правда и развој – AK Parti], додавајќи дека последната рата од долгот е исплатена во мај 2013 година и на тој начин, како што рече, е завршена работата со ММФ.
Истакнувајќи дека девизните резерви на Централната банка на Турција во моментов изнесуваат над 115 милијарди долари, Ердоган рече: „Оваа сума ќе биде во многу подобра позиција. Денеска Турција ја има потребната инфраструктура во секое поле, од образование до здравство, од безбедност до право, од индустрија до туризам.“
Турската Влада истакна дека неодамнешниот пораст на девизниот курс ги игнорира силните економски фундаменти на земјата, и дека високите цени се резултат на глобалните фактори. Како што нагласи турскиот претседател, придобивките од новиот пристап на Турција ќе станат јасни во следните три до шест месеци.