Tarek Chouiref
22 Септември 2025•Ажурирај: 26 Септември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Светската поп-ѕвезда Дуа Липа го отпушти својот долгогодишен менаџер Дејвид Леви, откако тој се обидел да го спречи настапот на ирската рап-група „Никaп“ (Kneecap) на фестивалот во Гластонбери, Велика Британија, пренесува Анадолу.
Според „Дејли меил“, Леви бил првиот потписник на протеченото „приватно и доверливо“ писмо испратено до основачот на фестивалот, Мајкл Ивис, во кое го повикуваат да не му дозволи на пропалестинскиот рап-бенд „Никaп“ да настапува.
Откако се откри писмото, Дуа Липа реши да го прекине својот професионален однос со Леви.
Еден инсајдер од индустријата за весникот изјави дека Дуа „се погрижила Дејвид Леви повеќе да не ја продуцира нејзината музика“, нагласувајќи дека уметницата отворено ги поддржува Палестинците и не може да толерира менаџер кој не се согласува со тоа.
Пејачката, која е и добитничка на Греми, долго време се залага за правата на Палестинците. Во мај минатата година, таа ја искористи својата платформа на Инстаграм со 88 милиони следбеници за да го осуди израелскиот геноцид во Газа, а се придружи и на собирите, на кои се осудува соучеството на Велика Британија во војната.
И покрај писмото, пропалестинската рап-група „Никaп“ настапи во Гластонбери во јули. Полицијата кратко ги истражи жалбите, но подоцна го затвори случајот, наведувајќи недостаток на докази за какво било кривично дело. Групата ја опиша истрагата како „политичко полициско заплашување“.
Од 7 октомври 2023 година, Израел врши геноцид во Газа, во кој досега се убиени речиси 65.300 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.
Нападот предизвика раселување на стотици илјади луѓе, заедно со блокадата на хуманитарната помош, во која се убиени најмалку 442 Палестинци, вклучувајќи 147 деца.