Tuğrul Çam
02 Декември 2017•Ажурирај: 03 Декември 2017
ТЕКНАФ (АА) - Турѓул Џам
Продолжува драмата на араканските муслимани кои со месеци се обидуваат да пронајдат спас во соседен Бангладеш, пишува Anadolu Agency (AA).
Иако е намален бројот на оние кои секојдневно преминуваат од Аракан во Бангладеш, сеуште е голем бројот на жените и децата кои поминуваат низ многу тешки услови за да дојдат до териториите кои нема да бидат изложени на насилство и напади.
Повеќе од 620.000 аракански муслимани побегнаа од Мјанмар во соседен Бангадеш од 25 август до денес. Првите денови Аракан секојдневно го напуштаа илјадници лица.
Овие денови е забележано намалување на бројот на бегалците од Мјанмар. Секојдневно спас во Бангладеш пронаоѓаат десетици аракански муслимани. Поголемиот дел се работи за жени и деца.
Според нивните сведочења, мажите се уапсени и затворени од страна на мјанмарската војска.
Екипата на АА се движеше со араканските муслимани по нивниот премин на границата со Бангладеш. Во група од 30 лица, сите биле жени и деца, освен еден старец.
По долгиот пат преку планини и реки, дошле до првата населба. Безнадежно седнале на сонцето. Со себе немале ниту храна ни вода. Не знаеле ниту каде одат, ни што прават. Ги чекале војниците од Бангладеш. Кажано им е дека тие ќе ги опремат во еден од бегалските кампови.
Меѓу нив е и 40-годишната Несари која во прегратки носеше штотуку родено бебе. Родена е на „патот за спас“.
„Откако војниците ни ја запалија куќата, одлучивме како и останатите, да тргнеме кон Бангладеш. За време на патувањето упаднавме во заседа и војниците го одведоа мојот сопруг. Не знам дали е жив. Јас го продолжив патот со нашите три деца. Пешачиме веќе 20 дена. Четвртото дете го родив во шумата. Децата се гладни и жедни“, раскажа Несари.
Во групата се наоѓаа и три сестри со децата. Хасина е една од нив. Мјанмарските војници и убиле две деца.
„Го одведоа и сопругот. Не знам каде е сега, дали е жив или мртов “, рече оваа жена.
Ниту нејзината сестра Сенвара не ја знае судбината на својот сопруг.
„Ни ја запалија куќата, а сопругот го застрелаа во ногата. Војниците ми го убија и братот. На патот тргнав со сестрите. Војниците ни зедоа се. Нашето село е далеку од Бангладеш. Пешачиме речиси еден месец. Преку ден се движевме низ шумата, а вечерта одмаравме“, раскажа Сенвара.
Араканските муслимани Рохинџи веќе со години се најзагрозено етничко малцинство во светот, а од 25. август се соочуваат со нов бран на насилства во мјанмарскиот регион Аракан.
Под изговор борба против милитанските групи, мјанмарската војска сруши најмалку 300 муслимански села од кои најмалку 620.000 жители беа принудени на бегство кон соседен Бангладеш.