Islam Doğru
01 Јануари 2020•Ажурирај: 02 Јануари 2020
ЊУЈОРК - На плоштадот „Њујорк тајмс“, кој е еден од најатрактивните места за дочек на новата година, стотици илјади лица ја прославија Новата година без оглед на студените временски услови, јавува Агенција Анадолија (АА).
Стотиците илјади луѓе што го исполнија плоштадот „Тајмс“ во центарот на Њујорк, пред да влезат на просторот за дочек на Новата година, на контролните точки поставени уште во утринските часови беа претресувани еден по еден од страна на Њујоршката полиција (NPYD).
На луѓето што беа дојдени на плоштадот да ја прослават Новата година, полицијата не им дозволи внесување на чадори, ранци и други слични предмети, спроведувајќи опсежни безбедносни мерки како превентива од можен терористички напад.

Шефот на Њујоршката полиција (NPYD), Теренс Монахен, изјави дека во текот на новогодишната прослава, на плоштадот и на метро станиците во приправност биле илјадници униформирани и цивилни полицајци, антитерористички тимови со тешко вооружување, кучиња К-9, кои откриваат експлозив, и возила за брза медицинска помош.
Плоштадот бил набљудуван од над 1.000 камери, а одвреме-навреме бил контролиран и од хеликоптер и беспилотни летала, опремени со 3Д термички камери.
- Тема на овогодишната прослава беа климатските промени -
Овогодишната тема за време на дочекот на Новата година на плоштадот „Тајмс“ беа климатските промени, а презентациите започнаа во 18:00 часот и траеја до 00:30.
Во рамките на прославата беше презентирана различна поп-музика и перформанс на танчерски групи, а на прославата учествуваа и познати музички ѕвезди, како што се Сем Хант и „Икс амбасадорс“.

Во 23:59 часот, градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио, и избрани професори и ученици од државните училишта, го притиснаа копчето со кое беше активирано паѓањето на кристалната топка за време од 60 секунди.
Кристалната топка со дијаметар од 3,6 метри, тешка околу 5,5 тони, направена од 32.000 енергетски штедливи лед-сијалици, со одбројувањето на луѓето насобрани на плоштадот беше пуштена надолу од столб со висина од 21 метар.
Стотиците илјади луѓе од САД и странство, кои го исполнија плоштадот „Тајмс“, во новата година влегоа со френетични извици на радост и среќа поради извонредниот огномет и дождот од 1.360 килограми конфети пуштени од околните згради.
Се истакнува дека директниот пренос од дочекот на Новата година на плоштадот „Тајмс“ во Њујорк преку националните канали, интернет-порталите и социјалните мрежи на светско ниво го следеле приближно 1 милијарда луѓе.