Дописникот на Анадолу учествуваше во воздушно пуштање хуманитарна помош во Газа
Лејт Ал Џунејди ја сними операцијата на пуштање хуманитарна помош од воздух од еден од двата авиони на Јорданските кралски воздухопловни сили.

ИСТАНБУЛ (АА) - Дописникот на Анадолу беше во еден од авионите што пуштаа хуманитарна помош од воздух во Појасот Газа.
Лејт Ал Џунејди ја сними операцијата на пуштање хуманитарна помош од воздух од еден од двата авиони на Јорданските кралски воздухопловни сили.
Јорданските вооружени сили, со учество на „неколку братски и пријателски земји“, извршија пет операции на пуштање пратки со храна од воздух во Газа, според извештајот на јорданската државна новинска агенција ПЕТРА.
Пакетите со помош тежеа 36 тони, а операцијата беше спроведена во рамките на меѓународната соработка за зголемување на напорите за достава на хуманитарна помош поради тешките хуманитарни услови.
Министерството за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) објави дека земјата и Јордан го предводеле мултинационалното пуштање хуманитарна помош од воздух во Газа, заедно со авиони од Франција, Германија, Италија и Шпанија.
Израелската армија претходно објави дека ќе им дозволи на странските земји да пуштаат помош од воздух во Газа.
Претходно, имаше случаи помошта пуштана со падобрани во Газа, каде што Израел е обвинет за изгладнување на населението, да падне врз цивилите предизвикувајќи смрт.
Некои од пакетите паѓаа во морето, поттикнувајќи ги очајните жители да ги ризикуваат своите животи за да дојдат до нив, по што овој метод на достава на храна се соочи со критики дека е неефикасен во споредба со испораката по копнен пат.
Минатата недела, Светската програма за храна (WFP) на ОН предупреди дека една третина од населението на Газа со денови е без храна поради израелската опсада.
Според организацијата, еден од четири Палестинци во Газа сега се соочува со глад, каде што над 100.000 жени и деца страдаат од акутна неисхранетост.
Израел наметнува блокада на Газа 18 години, а од 2 март ги затвори сите гранични премини, сериозно ограничувајќи ја хуманитарната помош и влошувајќи ги веќе тешките услови во енклавата. Палестинските власти велат дека се потребни најмалку 600 камиони со помош дневно за да се задоволат основните потреби на 2,4 милиони жители на Газа.
Од 7 октомври 2023 година, Израел спроведува немилосрдна воена офанзива во Газа, во којашто убиени се над 60.400 Палестинци, според палестинските власти.
Меѓународниот притисок продолжува да расте врз Израел за да дозволи неограничен пристап на хуманитарната помош, додека агенциите за помош предупредуваат на катастрофални нивоа на глад во Газа.