Mücahit Oktay
27 Јуни 2021•Ажурирај: 01 Јули 2021
ЊУЈОРК
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го одржа првиот митинг откако ја напушти Белата куќа, а на собраните им ги повтори претходните тврдења дека од функцијата е сменет со изборна измама, јавува Агенција Анадолија (АА).
Трамп на митингот во Велингтон во сојузната американска држава Охајо остро го критикуваше американскиот претседател Џо Бајден и неговата Демократска партија.
„Два пати победивме на изборите. Можно е дека ќе мораме да победиме и трет пат. Можно е“, рече Трамп.
На повеќе од 60 започнати судски постапки во САД беа отфрлени тврдењата на Републиканската партија на Трамп за измама на гласачите на ноемвриските претседателски избори, а тие тврдења се отфрлени и од Министерството за правосудство на САД.
Поранешниот американски претседател Трамп понатаму рече дека значително пораснал бројот на имигрантите кои стигнале во САД и дека администрацијата на Бајден нема поим за нивниот идентитет.
Трамп исто така го обвини својот наследник во Белата куќа, Бајден, дека ѝ се поклонил на Кина, а неговиот настап на глобалната сцена го нарече срамота.
Иако не прецизираше дали повторно ќе се кандидира за претседател, Трамп рече дека Републиканската партија би можела да добие мнозинство во двата дома на Конгресот на изборите што ќе бидат одржани следната година.
„Ќе го вратиме Претставничкиот дом, ќе го вратиме Сенатот и ќе ја вратиме Америка. Тоа ќе го направиме наскоро“, порача Трамп.