İbrahim Sipahi
22 Ноември 2023•Ажурирај: 22 Ноември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Израелската Влада рано утрово се согласи на договор за размена на затвореници со палестинската група на отпорот Хамас, јавува Анадолу.
По околу шест часа расправа, израелскиот Кабинет го одобри договорот според кој 50 заложници - деца, мајки и постари жени што ги држи Хамас во Газа ќе бидат ослободени во замена за прекин на огнот што ќе трае четири дена, извести израелската радиодифузија.
Паузата во борбите ќе се продолжува за уште еден ден за секои 10 дополнително ослободени заложници од Хамас.
На состанокот на Кабинетот министрите беа информирани дека првата група заробеници ќе биде ослободена утре (четврток).
Владата соопшти дека ова е планот од првата фаза за враќање на заробениците во своите домови. Се наведува дека војната ќе продолжи сѐ додека не се постигнат сите цели: враќање на сите израелски заложници и елиминирање на Хамас.
Израелската радиодифузна управа не го наведе бројот на палестински затвореници што за возврат треба да бидат ослободени, но хебрејскиот Канал 12 претходно објави дека како дел од договорот ќе бидат ослободени 150 палестински затвореници и дневно во енклавата ќе влегуваат по 300 камиони со хуманитарна помош, вклучително и гориво, покрај четиридневниот прекин на огнот во Газа.
Израел проценува дека Хамас држи најмалку 239 Израелци по неговиот прекуграничен напад на 7 октомври.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа по нападот на Хамас.
Бројот на загинати Палестинци во израелските напади врз Појасот Газа се искачи на 14.128, соопшти вчера Министерството за здравство во блокираната енклава. Од загинатите, над 5.840 се деца и 3.920 се жени.
Според официјални податоци, бројот на загинати во Израел изнесува околу 1.200.