Ahmed Asmar
12 Декември 2024•Ажурирај: 13 Декември 2024
КУДС (ЕРУСАЛИМ) (АА) - Директорот на израелската разузнавачка агенција Мосад, Давид Барнеа, разговараше со катарскиот премиер Шеик Мохамед бин Абдулрахман ал Тани во Доха, за договор за прекин на огнот во Газа и размена на затвореници, објавија денес израелски медиуми, пренесува Анадолу.
Израелскиот информативен портал Вала објави дека посетата на Барнеа на Катар во текот на вчерашниот ден била дел од напорите за постигнување договор со Хамас пред новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да ја преземе функцијата на 20 јануари.
Засега нема коментар од катарските власти за наводите.
Вала, цитирајќи двајца израелски официјални претставници, објави дека Хамас покажал „флексибилност“ во однос на израелскиот предлог за прекин на огнот претставен на групата за „делумен договор“ во Газа во замена за ослободување на одредени заложници.
Напорите за посредување предводени од САД, Египет и Катар за постигнување договор за прекин на огнот во Газа и размена на затвореници меѓу Израел и Хамас не успеаја поради одбивањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ја запре војната.
Израел започна геноцидна војна на Појасот Газа по упадот на Хамас во октомври минатата година, во која досега убиени се над 44.800 Палестинци, повеќето жени и деца, а повредени се над 106.000.
Втората година од геноцидот во Газа наиде на сѐ поголема меѓународна осуда, а официјални претставници и институции ги означија нападите и блокирањето на испораката на хуманитарна помош како намерен обид за уништување на населението.
Минатиот месец, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговата смртоносна војна против Газа.