Irmak Akcan,Zeynep Katre Oran,Ahmet Karaahmet,Mehmet Burak Karacaoğlu,Ömer Koparan
12 Декември 2024•Ажурирај: 13 Декември 2024
ДАМАСК (АА) – Екипата на Анадолу денес го сними Тревис Пит Тимерман, американски државјанин кој со месеци се водеше за исчезнат, по неговото ослободување од озлогласениот затвор во сирискиот главен град Дамаск.
Според Тимерман, тој бил ослободен од Фар Фаластин, центар за притвор и тортура во Дамаск, од каде што беа ослободени илјадници затвореници по падот на режимот на партијата Баас во неделата.
Тимерман за Анадолу изјави дека бил заробен од сириските гранични безбедносни сили пред седум месеци додека бил во планините меѓу Либан и Сирија.

Тој истакна дека тргнал од САД за да изврши аџилак во Мека, стигнал во Европа во март и пристигнал во Захле во источен Либан во мај пред да влезе во Сирија.
Полицијата во јужната американска сојузна држава Мисури соопшти дека со Тимерман последен контакт бил воспоставен на 2 јуни. Официјалните претставници рекоа дека последен пат бил виден на 28 мај во Меѓународната баптистичка црква во Будимпешта, Унгарија.
Полицијата во Будимпешта за него поднесе пријава за исчезнато лице на 26 август.

Ослободувањето на Тимерман уследи по колапсот на режимот, по што дојде до масовни ослободувања на затворениците низ Сирија.
Истрагата од 2017 година на „Амнести интернешнал“ заклучи дека убиствата и мачењата во озлогласениот сириски затвор Седнаја од 2011 година биле дел од широк и систематски напад врз цивилното население на Сирија и претставуваат злосторства против човештвото.
Башар ал-Асад, сирискиот лидер цели 24 години, побегна во Русија откако антирежимските групи ја презедоа контролата врз Дамаск во неделата, ставајќи крај на владеењето на партијата Баас, која беше на власт од 1963 година.