АНКАРА -
Адхам КАКО
За време на граѓанската војна во Сирија раселени се милиони деца, а повеќе од 29.000 деца се убиени, главно од силите на режимот на Башар ал Асад и неговите поддржувачи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Обединетите нации кои секоја година на 4 јуни организираат Меѓународен ден на децата невини жртви на судирите, сакајќи да потсетат на нивната посветеност кон правата на децата, уште еднаш потсетија дека децата ја плаќаат цената на граѓанската војна во Сирија.
Од март 2011 година досега во Сирија се одвива граѓанска војна, а милиони деца кои се желни за игра и се на училишна возраст, се будат со звукот на оружјето, бомбите и авионите, и растат во сиромаштија.
Според податоците на ОН, поради граѓанската војна, 6,7 милиони Сиријци, од кои 2,5 милиони деца, ја напуштиле сопствената татковина.
Според податоците добиени од Високиот комесаријат на ООН за бегалци и имиграција (UNHCR), што ги анализираше АА, 7-8 милиони лица, од кои поголемиот дел се деца, се раселени поради граѓанската војна во Сирија.
Според извештајот на Фондот за деца при Обединетите нации (UNICEF), едно од три деца во Сирија не се школува, а голем дел од нив растат без основните здравствени можности.
Во извештајот што УНИЦЕФ го објави на 13 март, само во подрачјето на зоната за намалување на тензиите во Идлиб, во периодот од 1 јануари 2019 до 5 март 2020 година, во нападите на режимот на Асад и неговите поддржувачи, 575.000 лица мигрирале и останале без дом.
- Повеќе од 29.000 ги загубија животите
Сириската мрежа за човекови права (SNHR), која го документира кршењето на правата над цивилите, заедно со АА подготвија специјален извештај за децата кои беа жртви на војната.
Според овој извештај, од март 2011 година досега, убиени се најмалку 29.296 деца од завојуваните страни, а голем број беа ранети или станаа инвалиди.
Режимските сили составени од војската на режимот и терористичките групи поддржани од Иран, убија 22.852 деца. Во воздушните напади на Русија која ги поддржува силите на режимот, животот го загубија 2.005 деца.
Терористичката организација ЈПГ/ПКК која во Сирија го употребува името Сириски демократски сили е виновна за смртта на 223 деца, додека терористичката организација ДЕАШ уби 956 деца.
Во судирите против режимот, во кои учествувале воената опозиција и вооружените групи, настрадале 1.053, а меѓународната коалиција во борбата против ДЕАШ била причина за смртта на 924 деца. Од непознати страни настрадале 1.282 деца.
- 205 деца беа жртви на хемиско оружје на режимот
Според извештајот, режимот на Асад од март 2011 година досега извршил 217 напади со хемиско оружје. Во овие напади настрадаа 205 деца.
Режимот на Асад, измачувајќи ги, уби 173 деца.
- Околу 5.000 деца сѐ уште се заточеници
Во извештајот се наведува дека од почетокот на граѓанската војна досега, во Сирија се приведени десетици илјади деца, од кои 4.816 сѐ уште се заточени од страна на спротивставените страни.
Во затворите на режимот се наоѓаат притворени 3.561 дете, додека терористичката организација ЈПГ/ПКК како заложници држи 602 деца.
Терористичката организација ДЕАШ која своето постоење го покажува на многу мал простор во Сирија, во моментов во заточеништво држи 319 деца.
Воената опозиција и вооружените групи против режимот во Сирија во заточеништво држат 334 деца.
- Приближно 1 милион деца останаа без родители
Центарот за хуманитарни и социјални истражувања, кој е дел од Организацијата за човекови права и слободи, во Извештајот за сираци, објавен на 8 мај, информира дека поради граѓанската војна во Сирија, на повеќе од 9 милиони деца на возраст до 18 години им е потребна помош.
Во извештајот се вели „Поради постојаното менување на местото на престој, не е можно да се одреди точната бројка на деца кои поради граѓанската војна во Сирија станале сираци, но се претпоставува дека станува збор за приближно 1 милион деца.“