Uğur Çil
11 Мај 2017•Ажурирај: 12 Мај 2017
АНКАРА (АА) - Сушата која веќе 10 години трае во Сомалија, граѓанската војна и тероризмот, сериозно ги загрозуваат животите на детската популација во земјата, пишува Anadolu Agency (AA).
Сомалија е една од десетте најсиромашни земји во светот, со население од 12 милиони жители, и е зафатена од суша којашто трае од 2011 година досега. Поради сушата, околу 6,2 милиони лица имаат потреба од храна, додека итна помош им е потребна на 2,9 милиони лица.

Детската популација во земјата се соочува со сериозни закани по животот поради недоволната исхрана и епидемиите.
Според податоците на Фондот на Обединетите нации за помош на децата (УНИЦЕФ) од 2014 година, во Сомалија, бројот на населението на возраст под 20 години изнесува 7,1 милион лица, додека бројот на децата под 5 години е околу 1,6 милиони. Околу 92 отсто од детската популација во земјата е неухранета.
Во Сомалија, поради здравствени проблеми, неухранетост или недостаток на здравствена заштита, животот го губи секое седмо дете на возраст до 5 години, а секое трето дете е родено со ниска телесна тежина.
Од друга страна, водата загадена со фекалии, која ја користи населението на оваа земја, ја отвора вратата за смртоносните болести како колера и маларија. Се претпоставува дека последиците од овие болести досега ги почувствувале повеќе од 600.000 Сомалијци, меѓу кои и деца.
- Тероризмот и внатрешните превирања ја продлабочија кризата -
Поради внатрешните превирања и тероризмот, меѓународната заедница одблизу ги следи случувањата во Сомалија, особено од 2010 година досега, и се бори со гладот во таа земја, кој завладеа поради зголемената долготрајна суша.
Извештајот на ОН покажува дека во првите две години од сушата, во периодот од 2010 до 2012 година, во Сомалија починале 260.000 лица. Во 2011 година, во државата е прогласена состојба на глад. Поради гладот и недостатокот на здрвствена заштита, не е позната точната бројка на починати лица во земјата. Како последица од сушата, земјоделството во потполност е уништено, а сточарите останаа без својата стока.
Терористичката организација Ал-Шабаб, која претставува дополнителен проблем во оваа земја, многу често ги попречува конвоите со хуманитарна и медицинска помош да пристигнат до местата каде што е најпотребна, со што кризата станува уште поголема.