Hakan Çopur
11 Мај 2017•Ажурирај: 12 Мај 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Делегација на Министерството за правда на Република Турција, предводена од министерот за правда Бекир Боздаг, престојува во САД за ги продолжи преговорите околу испорачувањето на Фетула Ѓулен, водачот на терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Според податоците од ова министерство, по вчерашниот четиричасовен состанок со американските официјални лица, турската делегација денес одржа втор состанок, а преговорите траеја шест часа.
Во рамките на оваа посета беше планиран само вчерашниот состанок, а бидејќи преговорите не се завршени до крај, министерот Боздаг бараше тие да продолжат. Така, преговорите продолжија денес и траеја шест часа.
Се наведува дека преговорите поминале во позитивна атмосфера, а покрај официјалното лице од Министерството за правда на Турција, во преговорите се вклучени и тројца обвинители кои се занимаваат со истрагата против ФЕТО.
Минатогодишниот неуспешен обид за воен удар во Турција е дело на терористичката организација ФЕТО, предводена од Фетула Ѓулен кој живее во САД. За време на обидот за пуч загинаа 246 лица, а ранети беа 2.194 лица. Турција и формално побара од САД привремено апсење и испорачување на Ѓулен.
Терористичката организација ФЕТО во седумдесеттите години на минатиот век започна своите поддржувачи да ги инфилтрира во безбедносните институции на Турција, во осумдесеттите значително ги зајакна своите паралелни структури во тие институции и на крајот, на 15 јули минатата година се обиде да изврши воен удар со цел да се собори уставниот поредок и демократски избраната турска власт.
На 2 февруари минатата година, турските власти побараа од САД да ја укинат зелената карта на Фетула Ѓулен, водачот на ФЕТО.
Според последните податоци, во вкупно 133 земји од светот се наоѓаат 688 училишта и образовни институции поврзани со терористичката организација ФЕТО.
Во Австралија има 15 такви училишта; во Америка, во девет сојузни држави работат 150 училишта; во Африка, во 26 земји има вкупно106 училишта, во 35 европски земји работат 175 такви училишта, и во 32 азиски земји, 242 училишта.