İnci Gündağ
29 Мај 2017•Ажурирај: 29 Мај 2017
ЛОНДОН (АА) - И понатаму се откажуваат и доцнат летовите на британската авиокомпанија British Airways (Бритиш ервејс), и покрај тоа што се поправени дефектите на компјутерскиот систем на оваа компанија, јавува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на British Airways, во саботата е поправен техничкиот дефект којшто на глобално ниво го деактивирал компјутерскиот систем на компанијата, но продолжуваат задоцнувањата, особено во летовите на аеродромот „Хитроу“ во Лондон.
Компанијата соопшти дека има за цел летовите на долги дестинации да се реализираат како што е планирано, и дека работат за да бидат реализирани поголемиот дел од летовите на кратки дестинации.
Денес се откажани 13 летови на кратки дестинации, кои биле планирани да се реализираат од „Хитроу“.
Според соопштението, почнувајќи од вчерашниот ден, летовите на British Airways од аеродромот „Гетвик“ се вратени во нормала, а дадено е предупредување дека постои можност и утрешните летови од „Хитроу“ да се реализираат со задоцнување.
British Airways им препорача на патниците да ја проверат состојбата на нивниот лет преку интернет-страницата на компанијата, пред да дојдат на аеродромот.
Компанијата претходно соопшти дека дефектот не е предизвикан од кибер-напад, туку е поврзан со снабдувањето со електрична енергија.
Почнувајќи од саботата, се појавија големи проблеми во летовите на British Airways во светот, предизвикани од дефект во компјутерскиот систем на компанијата. Особено беа откажани голем број летови од аеродромите „Хитроу“ и „Гетвик“ во Лондон. Илјадници патници беа погодени од овој дефект, а дури и некои од нив патуваа без својот багаж.