свет

Десетици загинати и повредени во уривање на рудник за бакар во ДР Конго

„И покрај строгата забрана за влез на локацијата поради обилните дождови и ризикот од свлечишта, нелегалните копачи насилно влегоа во рудникот“

James Tasamba  | 17.11.2025 - Обновена : 17.11.2025
Десетици загинати и повредени во уривање на рудник за бакар во ДР Конго

ЈАУНДЕ/ИСТАНБУЛ/КИГАЛИ (АА) – Најмалку 32 лица загинаа кога преполн мост во рудник за бакар се урна во Демократска Република Конго, соопшти вчера регионален владин претставник, јавува Анадолу.

Зборувајќи со новинарите, покраинскиот министер за внатрешни работи Рој Каумба Мајонде несреќата во саботата му ја припиша на „брзото преминување на багерите“ што, според него, предизвикало импровизираниот мост да се урне во поплавен ров.

Тој додаде дека е започната истрага за да се утврди одговорноста за трагедијата.

„И покрај строгата забрана за влез на локацијата поради обилните дождови и ризикот од свлечишта, нелегалните копачи насилно влегоа во рудникот“, рече Мајонде.

Претходно локалните медиуми известија дека бројот на загинати би можел да достигне и 70 лица во несреќата што се случила во рудникот Каландо, во областа Мулондо во провинцијата Луалаба.

На социјалните мрежи кружи видеоснимка, направена од далечина, на која се гледа како се урива голем дел од рудникот, а присутните во паника се обидуваат да побегнат.

Според прелиминарните информации, многу работници сè уште се заробени под урнатините, а тимови за пребарување и спасување продолжуваат со операциите на терен.

Несреќите во рудниците се чести во Демократска Република Конго поради недостиг на регулација, слаби безбедносни стандарди и неадекватна инфраструктура.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.