Associated Press
09 Март 2024•Ажурирај: 11 Март 2024
ПАДАНГ (АА) - Поројни дождови предизвикаа поплави и свлечишта на индонезискиот остров Суматра, во кои загинаа најмалку десет луѓе, а десетици други се водат за исчезнати, соопштија властите денес, пренесува Анадолу.
Поплавите предизвикаа лизгање на земјиште во провинцијата Западна Суматра, каде околу 46.000 луѓе мораа да ги напуштат домовите и да бидат евакуирани во привремени засолништа.
Властите соопштија дека 14 куќи биле затрупани во свлечишта, повеќе од 20.000 биле поплавени, а урнати се и 8 мостови.
Спасувачите извлекле седум тела во најтешко погоденото село Кото Кси Тарусан, а пронашле уште три во две соседни села, информираше портпаролот на Националната агенција за управување со катастрофи.
Поројните дождови предизвикуваат чести одрони и големи поплави во Индонезија, каде што милиони луѓе живеат во планинските области или во близина на поплавените рамнини.