Hüseyin Burak Demirer
12 Септември 2019•Ажурирај: 12 Септември 2019
АНКАРА
Денес започнува Европското првенство во одбојка за мажи, јавува Anadolu Agency (AA).
31. Европско првенство во одбојка за мажи ќе трае од 12 до 29 септември. Домаќини на Првенството се Франција (Монпелје, Нант, Париз), Белгија (Брисел, Антверпен), Словенија (Љубљана) и Холандија (Амстердам, Ротердам, Апелдорн).
На овогодишниот завршен турнир за европски првак наместо досегашните 16 репрезентации учество ќе земат 24 репрезентации. Групите се состојат од 6 тима, а во следната фаза од турнирот пласман ќе изборат првопласираните 4 екипи, по што ќе започне елиминациската фаза со натпревари од осминафиналето.
Едниот полуфинален натпревар ќе се игра во Париз, додека вториот во Љубљана. Финалето и борбата за бронзениот медал ќе се одиграат во Париз.

- С. Македонија натпреварите од групата Ц ќе ги игра во Словенија
Натпреварите од групата Ц ќе се играат во Љубљана, главниот град на Словенија. Во групата Ц партиципираат репрезентациите на Северна Македонија, Турција, Русија, Белорусија, Словенија и Финска, а средбите ќе се одржуваат во спортската сала „Арена Стожице“.
Денес во групата Ц со почеток во 14:30 часот се среќаваат Турција - Русија, а во 17:30 играат Финска - С. Македонија.
Групата А ја сочинуваат домаќинот Франција, како и Грција, Италија, Португалија, Бугарија и Романија.
Во групата Б се наоѓаат домаќинот Белгија, потоа Србија, Германија, Словачка, Шпанија и Австрија, а во групата Д партиципираат домаќинот Холандија, потоа Полска, Чешка, Естонија, Украина и Црна Гора.
- Прво учество на С. Македонија и Црна Гора
Репрезентациите на Северна Македонија и Црна Гора за првпат изборија пласман на завршницата од Европското првенство во одбојка за мажи.
- Најдобриот пласман на Турција е 11. место
Почнувајќи од 1958 година, репрезентацијата на Турција девет пати учествувала во завршницата на европските шампионати во одбојка за мажи, а најдобриот пласман е 11. место.
Најдобрите пласмани на 11. место репрезентацијата на Турција ги оствари во 1963, 2011 и во 2017 година, 14. место освои во 1967 година кога беше домаќин на Европското првенство, додека 13. место освои во 2009 година.
- Русија има најдобар успех на првенствата
На ова Првенство титулата европски шампион ќе ја брани репрезентацијата на Русија, која, вклучувајќи ги и титулите од времето кога беше во составот на Советскиот Сојуз, досега има освоено 22 медали (14 златни, 3 сребрени и 5 бронзени). Одбојкарската репрезентација на Русија е најуспешниот тим во историјата на европската одбојка.
Зад Русија со 6 златни, 4 сребрени и 3 бронзени медали следува Италија, додека Чешка е трета со 3 златни и 4 сребрени медали.
Европското одбојкарско првенство за мажи се организира од 1948 година, а Русија и Италија ја носат титулата и на репрезентации со најголем број учества во завршницата на турнирот.
Русија и Италија досега учествувале на 29 турнири, Франција и Бугарија на 28, додека Полска и Холандија 25 пати зеле учество на европските првенства.