Ekipa
01 Јули 2022•Ажурирај: 04 Јули 2022
КАРТУМ (АА) - Демонстрациите низ Судан денеска продолжија втор ден по ред против военото раководство кое ја презеде власта во земјата пред осум месеци, јавува Агенција Анадолија (АА).
Очевидци за Агенција Анадолија изјавија дека протестите стигнале до Претседателската палата во близина на центарот на Картум.
Активистот Мухамед Алмутасим рече дека протестите се одржуваат во различни области низ државата Картум.
Вчера Централната комисија на суданските доктори соопшти дека најмалку 10 лица загинале, а десетици се повредени кога безбедносните сили употребиле сила против демонстрантите во Омдурман, најнаселениот град во Судан.
„Повеќе од 200 полицајци и војници беа исто така повредени во судирите“, рече полицијата.
Во Судан владеат немири од октомври минатата година кога војската ја разреши привремената Влада на премиерот Абдала Хамдок, потег кој политичките сили го нарекоа „воен удар“.
Според Комисијата на судански доктори, оттогаш во протестите животите ги загубиле најмалку 100 луѓе.
Во заедничко соопштение, ОН, Африканската Унија и Меѓувладината управа за развој (IGAD), организацијата од седум држави во Африканскиот Рог, најстрого ја осудија употребата на прекумерна сила против демонстрантите.