Haydar Karaalp
01 Јануари 2020•Ажурирај: 01 Јануари 2020
БАГДАД
Ирачките демонстранти, поддржувачи на шиитската група „Хашд ал-Шаби“, продолжија со протестот и втор ден пред зградата на Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во Багдад, јавува Агенција Анадолија (AA).
Околу Амбасадата од вчера се преземени опсежни безбедносни мерки. За време на денешните протести може да се забележи дека безбедносните сили користат солзавец и звучни бомби за да ги растераат демонстрантите.
Пратеникот од иранската шиитска коалиција „Фатах“, блиска на Иран, Саад Хазали, изјави за медиумите дека во Парламентот започнало собирање потписи за укинување на договорот за стратешка безбедност, потпишан меѓу Ирак и САД.
„Ќе ги вложиме сите напори да донесеме одлука со која американските сили ќе ја напуштаат оваа земја“, рече Хазали.
Стотици демонстранти вчера се собраа на истото место во знак на протест против американскиот напад врз бригадите на Хезболах при шиитската група „Хашд ал-Шаби“. Демонстрантите вчера околу пладне ја пробија вратата на Амбасадата и упаднаа во зградата.
Американското Министерство за одбрана претходно соопшти дека во знак на одмазда за нападот на американските дипломати, се изведени воздушни напади врз вкупно пет воени бази на бригадата на Хезболах во Ирак и Сирија.
Ирачкото Министерство за здравство соопшти дека во нападот врз базата во Анбар загинале 28, а 48 лица се повредени.
Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, денес разговараше со ирачкиот претседател, Берхем Салех, и со премиерот Адил Абдулмехди, при што ја пренесе одлучноста на САД да ги заштитат американските државјани во Ирак од какви било ирански закани.