Davut Demircan
01 Јануари 2020•Ажурирај: 01 Јануари 2020
БАГДАД (АА) - Шиитската група блиска до Иран, „Хашди ал Шаби“, ги повика своите приврзаници да се повлечат од протестот пред зградата на Американската амбасада во Багдад, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ирачките демонстранти, поддржувачи на шиитската група „Хашди ал Шаби“, и денеска го продолжија својот протест пред зградата на Американската амбасада во Багдад.
Во соопштението, групата „Хашди ал Шаби“, или Народните мобилизациски сили, вели: „Ги повикуваме приврзаниците пред Амбасадата на САД да го почитуваат повикот на ирачката Влада и да се повлечат од подрачјето поради заштита на државните институции.“
Во него се истакнува дека пораката со протестите е доставена и се упатува благодарност до премиерот Адил Абдулмехди и политичките и верските водачи што застанаа против американските воздушни напади на милициските сили.
Вчера, илјадници ирачки демонстранти упаднаа во објектот на Американската амбасада, протестирајќи за неделните воздушни напади во Ирак и Сирија против милициската група „Катаиб Хезболах“, во кои загинаа најмалку 25 борци.
Воздушните напади се одговор на ракетниот напад во петокот врз американската воена база во Киркук, за кои се товари „Катаиб Хезболах“, кој е дел од групата „Хашди ал Шаби“, поддржана од Иран.
Во нападот во петокот загина еден американски изведувач, а беа ранети четири други лица.
Абдулмехди вчера ги осуди нападите на ирачките воени елементи, но исто така ги предупреди оние кои учествуваат на погребните маршеви, да се држат настрана од објектите на странските мисии.
„Ирачките безбедносни сили ќе одговорат на секој чин на агресија или вознемирување врз странските амбасади во Ирак, а одговорните ќе се соочат со целосната моќ на законот“, напиша Абдулмехди на Твитер.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера порача дека Иран ќе плати висока цена за каков било напад врз Амбасадата во Багдад.