Esra Tekin
29 Јануари 2025•Ажурирај: 30 Јануари 2025
ИСТАНБУЛ/АНКАРА (АА) - Декларацијата од Анкара потпишана помеѓу Туркије, Азербејџан и Узбекистан денес ја потврди важноста да се придонесе во напорите за реконструкција и рехабилитација на Азербејџан, вклучително и активности за деминирање во регионите Карабах и Источен Зангезур, јавува Анадолу.
Според декларацијата, Баку, Анкара и Ташкент, исто така, ја повториле својата „јасна“ поддршка за суверенитетот, територијалниот интегритет и неприкосновеноста на меѓународните граници.
Декларацијата ја потпишаа турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, неговиот азербејџански колега Џејхун Бајрамов и неговиот узбекистански колега Бахтијор Саидов по заедничката прес-конференција одржана во турскиот главен град Анкара.
Фидан го поздрави Централниот коридор како најсигурен, најбрз и најисплатлив трговски пат што ги поврзува Азија и Европа.
„Најсигурен, најбрз и најекономичен пат помеѓу Азија и Европа е коридорот Централна Азија-Касписко Море-Јужен Кавказ-Туркије“, рече тој на заедничката прес-конференција со колегите од Азербејџан и Узбекистан.
Фидан истакна дека синџирите на снабдување во светот се нарушени поради пандемијата на КОВИД-19, тековната руско-украинска војна и неодамнешните случувања на Блискиот Исток.
Нагласувајќи дека најголемиот трговски обем во светот се одвива помеѓу Азија и Европа, Фидан рече: „Туркије, Азербејџан и Узбекистан се во срцето на овој пат.“
Прес-конференцијата се одржа по вториот трилатерален состанок на министерствата за надворешни работи, транспорт и трговија на Туркије, Азербејџан и Узбекистан.