Gülsüm İncekaya
03 Април 2017•Ажурирај: 04 Април 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Фикрим Дамка, пратеник во Парламентот на Косово, од Турската демократска партија во Косово, рече дека земјите на Балканот внимателно го следат процесот на референдумот во Турција и истакна дека смета дека „стабилна Турција значи стабилен Балкан", јавува Anadolu Agency (AA).
Тој потсети дека на 16 април во Турција ќе се одржи референдум за пакетот уставни промени и оти верува дека уставните промени во таа земја позитивно ќе влијаат на земјите од Балканот.
Според неговите зборови, евентуалната нестабилност во Турција значи нестабилност на Балканот.
„Позитивното влијание на Турција во последниве години на Балканот е одлично. Затоа, внимателно го следиме референдумот. И на 15 јули внимателно го следевме развојот на настаните во Турција“, вели Дамка, кој верува дека евентуалната нестабилност во Турција може да доведе до конфликт на Балканот.
Тој истакна дека за настаните во Турција не е заинтересирани само муслиманите, туку и припадниците на другите вери.
Дамка посочи дека е голем успех една политичка партија во Турција да биде многу години на власт.
„Тоа што една партија е на власт многу години покажува дека во Турција има голема доверба и дека земјата се движи во вистинската насока“, рече Дамка, кој верува дека една од целите на референдумот е да се формира стабилен систем.
Дамка истакна дека Турција го презема вистинскиот чекор и потсети дека резултатите од референдумот се желба и одлука на народот.
„Уставните промени во Турција ќе имаат големо влијание на земјите од Балканот. Ние веќе ја земаме Турција за модел, бидејќи на балканските земји им треба стабилен политички систем. И ние работиме на тоа“, изјави Дамка, кој верува дека промените на системот во Турција за нив ќе биде добар пример.
Според неговите зборови, тоа би влијаело не само на Балканот, туку и на многу други подрачја.
Дамка потсети дека на Балканот нема кампања за „не“ на референдумот, што не е случај во Европа, каде што таквите кампањи ги водат членовите на терористичката организација ПКК и ФЕТО.
„За разлика од Европа, мнозинството од народот на Балканот е за тоа на референдумот да се гласа со ‘да’, бидејќи луѓето на Балканот сметаат дека новиот систем на Турција ќе биде постабилен“, рече Дамка и потсети на политичката и институционална криза во Косово, Бугарија, Грција, Македонија и во Албанија.
Покрај тоа, тој рече дека властите на Балканот треба да преземат итни мерки против терористичката организација ФЕТО, а во спротивно на Балканот може да дојде до слични обиди како оној во Турција.
Тој додаде дека земјите на Балканот по одредено време ќе преземат чекори за затворање на училиштата на ФЕТО.
„Тие мора да го направат тоа. Тоа што го направи оваа организација во Турција, ќе го направи и таму. Затоа, земјите од Балканот мораат да преземат мерки против ФЕТО, кој ќе им наштети на нивната внатрешна стабилност“, рече Дамка.