Bayram Altuğ
16 Септември 2021•Ажурирај: 16 Септември 2021
ЖЕНЕВА
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, истакнувајќи дека глобалното затоплување не може да се ограничи на 1,5 степени Целзиусови, доколку нема „итно, брзо и големо“ намалување на емисиите на стакленички гасови, рече дека резултатот ќе биде „катастрофален“ за светот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Гутереш преку видеопорака учествуваше на прес-конференција во канцеларијата на ОН во Женева, Швајцарија, каде што беше објавен извештајот во кој се наведени тековните напори за борба против климатските промени.
Наведувајќи дека светот загуби многу време за да ги постигне целите на Парискиот договор, чија цел е борба против климатските промени, Гутереш нагласи дека оваа година „емисиите на фосилни горива се вратија назад“ и дека „концентрациите на стакленички гасови“ продолжуваат да се зголемуваат.
Тој посочи дека светот го достигна „критичниот праг“ во преземањето акција против климатските промени, и нагласи: „Влошувањето на нашата клима и планета е полошо отколку што мислевме. Тоа напредува побрзо отколку што се проценуваше.“
Генералниот секретар Гутереш подвлече дека неодамнешните екстремни временски услови во САД, од ураганот Ида до поплавите во Западна Европа и смртоносниот топлотен бран во северозападниот дел на Пацификот, покажуваат дека ниту една земја не е безбедна од катастрофи поврзани со климата.
Предупредувајќи дека неодамнешните екстремни временски услови се „само почетокот на полошите работи“, Гутереш додаде: „Доколку не се случи итно, брзо и големо намалување на емисиите на стакленички гасови, ќе биде невозможно да се ограничи затоплувањето до 1,5 степени Целзиусови, и [оваа ситуација] за луѓето и планетата од која зависиме ќе има катастрофални последици.“
Регулативите утврдени со Договорот од Париз предвидуваат глобалното затоплување да се одржува под 2 Целзиусови степени, а граничната цел ќе биде 1,5 Целзиусови степени.
- „Последните пет години се најтоплите досега“
Од друга страна, генералниот секретар на Светската метеоролошка организација (СМО), проф. Петери Талас, истакна дека климатските промени сега се предизвикани од човечкиот фактор и дека екстремните временски настани, кои некогаш се случувале еднаш во векот, сега можат да се случуваат на секои 20 години.
„Последниот петгодишен период беше најтоплиот петгодишен период од кога започнавме со мерењата во 1850 година. Поради климатските промени, [екстремните временски услови] се случуваа еднаш на 100 години. Сега можат да се случуваат на секои 20 години, а во иднина и почесто. Ризикот од вакви настани се зголемува поради климатските промени“, предупреди тој.
Од друга страна, во извештајот, подготвен со помош на подружниците на ОН, беше нагласено дека покрај тоа што Ковид-19 ги забави економските активности во светот, „немилосрдниот“ напредок во климатските промени не можеше да се запре.
Во извештајот, меѓу другото, се истакнува дека концентрациите на стакленички гасови во атмосферата продолжуваат на рекордно ниво и дека тоа во иднина ќе доведе до опасно затоплување на земјата.