Betül Yürük
11 Мај 2023•Ажурирај: 13 Мај 2023
ЊУЈОРК (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, вчера побара итен прекин на „неприфатливата“ загуба на цивилни животи во Појасот Газа во услови на растечки тензии на палестинските територии, пренесува Анадолу.
Гутереш со „длабока загриженост“ ги следи најновите случувања во Газа, тековната ескалација и ризикот од понатамошни човечки загуби, изјави заменик-портпаролот на ОН, Фархан Хак.
Најмалку 25 Палестинци загинаа, а 76 се повредени во последниот бран израелски воздушни напади врз Газа, соопшти палестинското Министерство за здравство.
„Израел мора да се придржува до своите обврски според меѓународното хуманитарно право, вклучително и пропорционална употреба на сила и преземање на сите можни мерки на претпазливост за да ги поштеди цивилите и цивилните објекти во спроведувањето на воените операции“, рече Хак.
Тој додаде дека генералниот секретар, исто така, го осудува „неселективното истрелување ракети од Газа кон Израел, што го прекршува меѓународното хуманитарно право и ги става во ризик и палестинските и израелските цивили“.
Гутереш ги повика сите страни да покажат максимална воздржаност и да работат на итен прекин на непријателствата.
Израелската војска соопшти дека воздушните напади биле дел од нејзината операција „Штит и стрела“ како одговор на ракетниот истрел од Газа по смртта на Палестинецот кој штрајкуваше со глад во израелски затвор минатата недела.
Според палестинските податоци, најмалку 130 Палестинци се убиени од истрели на израелската војска од почетокот на оваа година. Деветнаесет Израелци, исто така, беа убиени во одделни напади во текот на истиот период.