Alaattin Doğru
16 Септември 2021•Ажурирај: 17 Септември 2021
ПАРИЗ (АА) - Францускиот министер за надворешни работи, Жан Ив Ле Дриан, по тврдењата дека воената администрација во Мали ќе потпише договор со руската приватна безбедносна компанија „Вагнер“ за обука на воени лица од Мали, рече дека оваа ситуација нема да биде компатибилна со меѓународното и европското присуство во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Дриан во изјавата за телевизискиот канал „Франс инфо“ (France Info) рече дека сѐ уште не е потпишан договор помеѓу администрацијата на Мали и „Вагнер“.
Истакнувајќи дека ги знаат руските платеници на „Вагнер“ од Сирија, Украина, Централноафриканската Република и Либија, францускиот министер рече дека „Вагнер“, која ги понудила своите услуги на хунтата во Мали, е позната по зголемување на нестабилноста на земјите каде што се лоцирани, со изнуди и со кршење на хуманитарното право.
Нагласувајќи дека привремениот претседател на Мали, генералот Асими Гоита, ја истакнал својата намера да ја ангажира компанијата „Вагнер“ во земјата, министерот Дриан рече дека за тоа сѐ уште нема договор.
Наведувајќи дека Франција го пренесе своето незадоволство од таквиот договор до администрацијата на Мали, Дриан рече: „Генералот Гоита знае дека присуството на „Вагнер“ во Мали и договорот со оваа компанија нема да бидат компатибилни со меѓународното и европското присуство во земјата.“
- Наводи дека 1.000 руски платеници ќе бидат испратени во Мали -
Во вестите на „Ројтерс“ (Reuters) се тврдеше дека преодната Влада со воена доминација, формирана во Мали по државниот удар треба да потпише договор со руската безбедносна компанија „Вагнер“ кој предвидува обука на Армијата на Мали и заштита на високи функционери.
Исто така, се тврдеше дека можно е за Мали да заминат околу 1.000 платеници, а за возврат месечно ќе се плаќаат 10,8 милиони долари.
Иако од Министерството за одбрана на Мали се наведува дека не знаат за таков договор, истакнуваат дека се отворени за разговори со сите.
Познато е дека овие наводи ќе го доведат во тешка ситуација присуството на Франција во регионот.
Односот меѓу Франција и Мали беше прекинат со соборувањето на администрацијата на Ибрахим Бубакар Кеита во август 2020 година.
Францускиот претседател Емануел Макрон соопшти дека ќе ја завршат операцијата „Бархан“ во Мали во првиот квартал од 2022 година, но подвлече дека нема да се повлечат од регионот.
- Француската „црвена линија“ е „Вагнер“ -
Се наведува дека доаѓањето на руските платеници во Мали ќе претставува „црвена линија“ за Франција. Во таков случај, Франција може да ги префрли своите војници во соседната земја Нигер.
Платениците на „Вагнер“ дејствуваат во Централноафриканската Република, Судан, Либија и Мозамбик и обучуваат локални армии, штитат важни личности, се борат против бунтовничките или терористичките групи и пружаат заштита на рудниците за злато, дијаманти и ураниум.
Франција ја започна операцијата „Бархан“ на 1 август 2014 година, по воената операција наречена „Сервал“ во Мали на почетокот на 2013 година.
Во операцијата „Бархан“ се вклучени повеќе од 5.000 француски војници.