Servet Günerigök
24 Јуни 2021•Ажурирај: 25 Јуни 2021
ВАШИНГТОН
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, денеска предупреди дека може да дојде до катастрофални последици, доколку Советот за безбедност на ОН не успее да го продолжи овластувањето за пристап до прекуграничната достава на хуманитарна помош во Сирија, јавува Агенција Анадолија (АА).
За време на брифингот во Советот за безбедност на ОН во врска со хуманитарната ситуација во Сирија, Гутереш изјави дека ситуацијата денес во Сирија е полоша од кое било време од почетокот на војната во 2011 година.
„Силно апелирам до членовите на Советот да постигнат консензус за дозволување на прекугранични операции кои се значаен канал за поддршка за уште една година“, рече Гутереш. „Непродолжувањето на овластувањето на Советот би имало разорни последици”, додаде тој.
Тој рече дека на 13,4 милиони луѓе им е потребна хуманитарна помош, а 12,4 милиони имаат потреба од храна, како и тоа дека страдаат од високи стапки на пренесување на коронавирусот.
Во врска со ситуацијата во северозападна Сирија, за која тој вели дека е најлоша во земјата, рече дека повеќе од 70 отсто од населението во регионот има потреба од основна хуманитарна помош за да преживее.
Вкупно „2,7 милиони се раселени и апсолутно е од суштинско значење да се одржи и да се зголеми нашето ниво на поддршка“, рече Гутереш.
- „Во дијалог со Турција“
Шефот на ОН рече дека е потребен поголем хуманитарен пристап за да се дојде до оние кои имаат најголема потреба, потенцирајќи ги прекуграничните и хуманитарните операции преку линиите на конфликтот.
„Ние сме во дијалог со Турција и групите кои ја контролираат областа и имам големи надежи дека наскоро ќе биде овозможено да се започнат хуманитарните операции преку линиите на конфликтот“, рече Гутереш.
„Но, мора да признаеме дека тие никогаш нема да можат да ја заменат прекуграничната помош на сегашните нивоа“, додаде тој.
Одговорот на ОН во однос на прекуграничната хуманитарна помош за дополнителни 12 месеци останува од суштинско значење за да се избегне хуманитарна катастрофа во северозападна Сирија, според официјални претставници на ОН.
Сирија е заробена во жестока граѓанска војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал Асад презеде мерки со неочекувана свирепост против продемократските протести.
Во текот на изминатата деценија, околу половина милион луѓе беа убиени, а повеќе од 12 милиони мораа да ги напуштат своите домови.