Emre Aytekin
07 Јули 2019•Ажурирај: 08 Јули 2019
РИЏКРЕСТ (АА) - Двата големи земјотреси кои го погодија јужниот дел на Калифорнија треба да бидат сериозно предупредување за луѓето низ земјата за подготвеност за евентуална природна катастрофа, истакна гувернерот на таа сојузна американска држава, Гавин Њусом, јавува Anadolu Agency (AA).
Њусон во изјавата за медиумите се осврна на земјотресите кои во четвртокот и петокот го погодија подрачјето недалеку од Риџкрест, во јужниот дел на Калифорнија.
„Тоа е, искрено, предупредување за остатокот од државата и за другите делови на целата земја“, рече Њусом.
Тој додаде дека властите би требало да применат одредени правила кога станува збор за мерките за заштита, и да развијат системи за предупредување.
„Граѓаните би требало да знаат како може да се заштитат во случај на земјотрес“, рече Њусом.
Тој додаде дека нема настрадани или потешко повредени лица, но дека материјалната штета се проценува на околу 100 милиони долари.
Њусом појасни дека разговарал и со претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, кој ветил помош од федералниот буџет.
Во четвртокот и петокот подрачјето недалеку од Риџкрест беше погодено од земјотреси со јачина од 6,4 и 7,1 степен. Локалните претставници соопштија дека станува збор за најсилните земјотреси кои ја погодиле Калифорнија во последните 20 години.
Од земјотресите оштетена е патната инфраструктура и гасоводите, а во Риџкрест, каде што живеат околу 28.000 жители, прогласена е вонредна состојба.