Ahmet Gençtürk
24 Декември 2022•Ажурирај: 29 Декември 2022
АНКАРА (АА) - Грција презема чекори кон одложување на купувањето на поголемо количество оружје од Израел, објавија денес грчките медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претставници на Министерството за одбрана стравуваат дека постои ризик за одложување на купувањето на ракетите „Спајк НЛОС“, особено посакуваниот систем за брзите јуришни чамци за потребите на морнарицата и јуришните хеликоптери АХ-64 за копнените сили, на неодредено време, објави „CNN Greece“.
Се додава дека политичкото раководство на земјата, сепак, нагласило дека процесот на купување ракети би можел да продолжи во април кога ќе се реши „недоразбирањето“ со военото раководство и ќе се одговори на прашањата што Атина ги доставила до Израел.
„Ако одлуката се остави на следната Влада по претстојните избори во Грција налето, можно е да биде предоцна, а Тел Авив може да ги продаде ракетите подготвени за испорака на други клиенти“, се наведува во веста.
„Владата не е среќна поради одложувањето предизвикано од военото раководство“, се наведува.
Грција во последниве години потпиша повеќе договори за оружје, вклучително и договор за дронови од Израел, за авионите „Рафал“ од Франција и надградба на нејзината флота на авиони Ф-16 од САД.
Атина, исто така, го контактираше Вашингтон за купување на најмалку 20 стелт авиони Ф-35.
Во услови на зголемени тензии со Туркије, Анкара континуирано ја предупредува Атина да не се впушта во трка на вооружување, нудејќи, наместо тоа, да ги реши сите отворени прашања, меѓу кои и оние поврзани со Егејското Море, Источниот Медитеран и Кипар, преку дијалог.