Tevfik Durul
12 Септември 2020•Ажурирај: 13 Септември 2020
АТИНА (АА) - ТЕВФИК ДУРУЛ -
Грција, која не се доближува до дијалог со Турција во врска со тензиите во Источниот Медитеран, во идните 10 години планира да потроши 10 милијарди евра за одбраната, пишува Агенција Анадолија (АА).
И покрај економската стагнација и постојано зголемениот буџетски дефицит предизвикан од епидемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19), Владата на премиерот Киријакос Мицотакис одлучи да ги зголеми своите воени трошоци и планира да купи нови воени авиони, хеликоптери и фрегати.
Францускиот претседател, Емануел Макрон, кој е познат како поддржувач на Грција во тензиите со Турција, се обидува да добие најголем удел од „трговскиот список“ на Атина.
Оваа одлука значи дека администрацијата во Атина ќе го зголеми својот одбранбен буџет приближно 3 пати повеќе од моменталниот, а освен кај администрацијата во Париз, пораснати се и апетитите на сојузниците во НАТО, како што се САД, Германија, Велика Британија, Шпанија и Холандија.
Грчките власти прават големи напори за да ѝ ги објаснат на јавноста причините за зголемувањето на одбранбениот буџет, а како изговор се споменуваат зголемените тензии со Турција во Источниот Медитеран.
- „Најголемиот удел во колачот е на Франција“ -
Во информациите објавени на локалните медиуми се истакнува: „Трошоците за одбрана на Грција ќе бидат споделени, но најголемиот удел ќе ѝ биде даден на Франција со цел да се зајакне постојаната воена соработка преку заеднички вежби.“
„Иако тоа значи дека тоа ќе бидат мали дополнителни трошоци за грчкиот народ, мора да се направат за да се заштитат вооружените сили“, нагласи премиерот Мицотакис.
Главната ставка на воената соработка меѓу Атина и Париз се 18-те авиони „Рафал“, што се очекува Грција да ги купи од Франција.
Овој пакет исто така се очекува да вклучува набавка на ракети и одржување на постојните воени авиони „Мираж“, што ги користи Грција.
- Најпрво ќе се купува оружје и муниција во вредност од 1,5 милијарди евра -
Од буџетот, кој изнесува 10 милијарди евра, 1,5 милијарди евра ќе бидат потрошени за купување оружје и муниција во наредните месеци.
Продолжуваат преговорите со Германија за набавка на торпеда.
Проектот за надградба на грчката флота „F-16“, изграден од страна на „Локид Мартин“ (Lockheed Martin) од Соединетите Американски Држави се очекува да биде готов до 2027 година. Буџетот на проектот изнесува околу 1,25 милијарди евра.
- Воените трошоци се преполовија во периодот 2008-2018 година -
Познато е дека воениот буџет на земјата, кој во 2008 година изнесуваше 7,24 милијарди евра, во 2018 година се намали на 3,75 милијарди евра поради економската криза низ која минува земјата повеќе од 10 години.
И покрај тоа, Грција е рангирана на високо место меѓу земјите членки на НАТО во однос на воените трошоци и економската големина.
Грција минатата година потроши 2,28 проценти од бруто домашниот производ на одбраната.
Имајќи предвид дека бруто домашниот производ на земјата се намали за една четвртина поради финансиската криза што ја доживеа во последните 10 години, се издвојува големината на износот потрошен за воена опрема.
Во евентуална криза, има сериозни прашања за тоа дали може да се има доверба во поддршката на Франција, која добива најголем дел од воениот буџет на Атина.
Исто така, дополнителните трошоци за грчкиот народ се главните прашања за кои се дебатира во грчката јавност.