Burç Eruygur
09 Март 2023•Ажурирај: 10 Март 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Грузиската владејачка партија „Грузиски сон“ утринава објави ќе го повлече нацрт-законот за странски агенти поради масовните протести во главниот град на земјата Тбилиси, пренесува Анадолу.
„Гледаме дека усвоениот предлог-закон предизвика различни мислења во општеството. Машината на лаги можеше да го претстави предлог-законот во негативно светло и да доведе во заблуда одреден дел од јавноста“, се вели во заедничката изјава на Грузиски сон, Народната моќ и членовите на парламентарното мнозинство.
Во соопштението се наведува дека нацрт-законот добил лажна етикета „Руски закон“ и дека неговото усвојување во прво читање е претставено „како отстапување од европскиот тек во очите на дел од јавноста“.
Во соопштението се тврди дека „радикалните сили“ можеби вовлекле и дел од младите во земјата во нелегални активности.
„Треба да бидеме најмногу внимателни за мирот, спокојството и економскиот развој во нашата земја, како и за напредокот на Грузија на патот на европската интеграција. Затоа, потребно е енергијата на секој наш сограѓанин да ја трошиме не за соочување, туку за развој на државата во вистинска насока“, се вели понатаму во соопштението.
Властите одлучија „безусловно да го повлечат предлог-законот што го поддржаа без никакви резерви“, истакнувајќи дека деталите од законот ќе бидат објаснети „како што ќе исчезне емотивната заднина“.
Исто така, грузискиот Парламент објави дека ќе има ограничен режим на пристап до следната недела.
Усвојувањето на нацрт-законот за „транспарентност на странско влијание“ доведе до демонстрации во главниот град на Грузија од понеделникот, што доведе до приведување на 66 лица. Повеќе од 50 полицајци се повредени.