Ekip
08 Септември 2022•Ажурирај: 11 Септември 2022
МАДРИД (АА) - Властите на Канарските Острови проценуваат дека оваа година околу 1.000 мигранти ги загубиле животите во Атлантскиот Океан на пат кон шпанската територија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Се проценува дека бројот на загинати мигранти во 2022 година веќе е речиси еднаков на билансот од 2021 година, кога 1.109 луѓе ги загубија животите на пат од Западна Африка кон шпанските острови“, соопшти Групата на Обединетите нации за исчезнати мигранти.
„Сè уште не сме го поминале најтешкиот период од годината“, рече Таксема Сантана, советник на шпанската Влада, во интервју за весникот „Ел паис“ (El Pais).
Минатата година, околу 80 отсто од сите пристигнувања на мигранти се случиле помеѓу септември и ноември.
На прес-конференција оваа недела, портпаролот на Владата на Канарските Острови, Хулио Перез, рече дека ситуацијата е „многу загрижувачка“.
„Од јануари до август годинава на Канарските Острови успешно стигнале 10.637 мигранти, што е за 14 отсто повеќе во однос на истиот период во 2021 година“, соопшти шпанското Министерство за внатрешни работи.
Во истиот период, вкупниот број пристигнати бродови е намален за 3,3 отсто, што укажува на влошување на условите за транспорт на мигрантите.
Малите чамци наречени кајуко практично исчезнаа од миграциската рута. Сега мигрантите најчесто патуваат со гумени чамци, кои се уште поопасни.
Повеќето од мигрантите доаѓаат од Супсахарска Африка, особено од Мали, Сенегал и Брегот на Слоновата Коска.
„Речиси една третина од мигрантите се жени“, објасни Сантана.