Bahattin Gönültaş
18 Март 2022•Ажурирај: 19 Март 2022
БЕРЛИН (АА) - Војната меѓу Украина и Русија ги поттикна земјите од Европа да ги зголемат трошоците за одбрана, поради што германскиот производител на оружје „Рајнметал“ соопшти дека оваа година очекува неговата продажба да се зголеми за 15 до 20 проценти, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Компанијата „Рајнметал“ ги соопшти своите финансиски резултати од претходната година и очекувањата од оваа година.
Според тоа, продажбата на германскиот производител на оружје минатата година се зголемила за 4,7 отсто достигнувајќи 5 милијарди 658 милиони евра.
Компанијата ја зголеми оперативната добивка за 33 отсто, и таа достигна 594 милиони евра. Исплатата на дивидендите на акционерите се зголеми од 2 на 3,30 евра.
Компанијата која ги сподели очекувањата за оваа година, предвидува дека продажбата ќе се зголеми до 15 до 20 проценти.
Армин Папергер, извршниот директор на „Рајнметал“, истакна дека во Германија, Велика Британија и Австралија ќе бидат вработени од 1.500 до 3.000 луѓе за да одговорат на побарувачката.
„Рајнметал“ со пет фабрики во Германија обезбедува вработување на околу 24.000 луѓе. Покрај тоа, германската компанија произведува и во Канада, САД, Велика Британија, Австрија, Швајцарија, Италија, Унгарија, Јужна Африка и Австралија.
„Рајнметал“, покрај муниција, произведува тенкови, оклопни возила, оружје и антиавионски системи.
Поради војната меѓу Украина и Русија голем број земји од Европската Унија истакнаа дека ќе ги зголемат буџетите за одбрана. Германската Влада соопшти дека ќе воспостави посебен фонд од 100 милијарди евра за зајакнување на Германските вооружени сили (Bundeswehr).
Во меѓувреме, акциите на „Рајнметал“ се зголемија над 60 проценти и достигнаа вредност од 164,10 евра.