Cüneyt Karadağ
04 Јуни 2021•Ажурирај: 06 Јуни 2021
БЕРЛИН (АА) - Архиепископот во Минхен, Германија, кардиналот Рејнхард Маркс, побара од Папата Франциск, духовниот водач на католичкиот свет и челник на Ватикан, да ја прифати неговата оставка од функцијата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението од Минхенската епархија се наведува дека кардиналот Маркс во писмото напишано на 21 мај од папата бара да ја „прифати неговата оставка од функцијата архиепископ во Минхен“.
Се истакнува дека Maркс својата оставка до папата ја поднесува повикувајќи се на „институционалниот и системскиот неуспех“ на црквата во врска со скандалите со сексуалното злоставување на децата.
„Во суштина, за мене е важно да ја споделам одговорноста за катастрофата на сексуалното вознемирување од страна на црковните службеници во последните неколку децении. Истражувањата и извештаите од последната деценија покажуваат институционален или системски неуспех, како и многу лични и административни грешки“, нагласи во писмото кардиналот Maркс.
Кардиналот Рејнхард Маркс, еден од водечките католички бискупи во Германија, претседаваше со Конференцијата на германските бискупи (DBK) до 2020 година.