Ayhan Şimşek
02 Јули 2025•Ажурирај: 03 Јули 2025
БЕРЛИН (АА) - Германскиот канцелар Фридрих Мерц ја критикуваше воената офанзива на Израел во Газа, велејќи дека растечкиот број на цивилни жртви повеќе не може да се оправда, пренесува Анадолу.
Во интервјуто за јавниот радиодифузен сервис АРД синоќа Мерц откри дека разговара со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху речиси секоја недела и изразил сериозна загриженост во врска со воената кампања на Израел во Газа.
„И пред некое време му реков дека ќе ги изгуби своите најдобри пријатели ако продолжи вака. И дека мора да објасни што се случува“, рече Мерц. „И овие масовни жртви меѓу цивилното население повеќе не се разбирливи. Патем, би сакал да знам што всушност планираш? Која е целта на воените акции во Појасот Газа?“, му ги поставил овие прашања на Нетанјаху.
Германскиот канцелар рече дека европските лидери изразиле загриженост за Газа за време на нивниот самит на ЕУ во Брисел минатата недела.
„Минатата недела упативме многу јасен и недвосмислен повик до израелската Влада во Европскиот совет. Сакаме да го спречат ова сега и да осигурат прекин на огнот во Појасот Газа“, рече тој.
Откако Израел ја започна својата воена кампања во Газа во 2023 година, убиени се над 57.000 Палестинци, а повеќе од 100.000 се повредени, повеќето жени и деца.
Во моментов Израел се соочува со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради своите дејства во Газа, каде што најмалку 1,9 милиони Палестинци се раселени и се соочуваат со сериозен недостиг на храна, медицински материјали и други основни потреби.