Burç Eruygur
21 Мај 2024•Ажурирај: 22 Мај 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Во знак на поддршка за Украина, германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок денес пристигна во ненајавена посета на Киев, јавува Анадолу.
За доаѓањето на Баербок објавија локалните медиуми, а подоцна беше потврдено и со соопштение од германското Министерство за надворешни работи, во кое беше истакнато дека ова е нејзина осма посета од почетокот на руската „специјална воена операција“ во февруари 2022 година.
„Руски ракетен терор, постојани тревоги за воздушни напади, постојани прекини на електрична енергија, речиси и да нема вода: ситуацијата во Украина драматично ескалира со масовните руски воздушни напади врз цивилната инфраструктура и бруталната руска офанзива во Харков“, истакна Баербок по нејзиното пристигнување.
Нагласувајќи дека на Украина итно ѝ е потребна поголема воздушна одбрана за да ја заштити земјата од руските ракети и нападите со дронови, Баербок рече дека започнала глобална иницијатива за поголема воздушна одбрана заедно со министерот за одбрана Борис Писториус.
Таа рече дека се собрани речиси 1 милијарда евра за обезбедување дополнителна поддршка за воздушната одбрана на Украина, индицирајќи дека тие го „воделе патот“ со дополнителна единица „Патриот“.
„Сега мора да ги здружиме силите за да може Украина да преживее, за да можат Украинците да продолжат да живеат со самоопределување во иднина. И за трупите на (рускиот претседател Владимир) Путин да не се најдат наскоро на нашите граници“, додаде министерката за надворешни работи.