Mesut Zeyrek
07 Јуни 2021•Ажурирај: 08 Јуни 2021
КЕЛН (АА) - Во Германија уапсен е 52-годишен Германец откако на 4 јуни подметнал пожар во зграда во која живеат Турци во градот Пфорцхајм, во сојузната покраина Баден-Виртемберг, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението од Обвинителството во врска со пожарот што избувна на улицата „Блајк“, се наведува дека едно лице било приведено под сомнение за подметнување пожар во зградата и дека е ослободено откако било испитано веднаш по инцидентот.
Подоцна, според соопштението, лицето повторно е приведено и изведено пред судија.
Исто така, се наведува дека 52-годишниот осомничен, кој претходно бил осуден за расистичко злосторство, е уапсен и испратен во затвор со образложение дека намерно ја запалил зградата.
Портпаролот на полицијата информираше дека во пожарот што избувна како резултат на подметнување, се случила голема материјална штета во 5-катната зграда со 10 стана, и дека два стана веќе се неупотребливи.
Едно лице имало последици од чадот во пожарот, а евакуираните деца заедно со семејствата се засолниле кај свои роднини.