Ayhan Şimşek
12 Август 2021•Ажурирај: 13 Август 2021
БЕРЛИН
Бројот на нови случаи на заразување со коронавирусот во Германија надмина 5.000 првпат од мај, додека позаразната делта-варијанта продолжува да се шири, јавува Агенција Анадолија (АА).
Институтот „Роберт Кох“ (RKI) пријави уште 5.638 случаи со коронавирус, што е најголем дневен број од 29 мај.
Бројот на активни случаи е зголемен на 39.500 од 35.800.
Хамбург објави највисока стапка на инциденца со 63,6 случаи на заразување на 100.000 луѓе, потоа Шлезвиг-Холштајн (48,5 случаи на 100.000) и Берлин (44,4 случаи на 100.000) за седум дена.
И покрај зголемувањето на бројот на нови случаи поради делта-варијантата, хоспитализациите и смртните случаи останаа релативно ниски, во споредба со првиот и вториот бран на пандемијата.
Институтот „Роберт Кох“ денеска потврди 17 смртни случаи поврзани со коронавирусот, наспроти 26 смртни случаи пријавени истиот ден минатата недела.
Само два проценти од луѓето заразени со Ковид-19 се разболеле сериозно и биле примени на одделенијата за интензивна нега (ICU), според Институтот.
Во моментов, 454 пациенти со коронавирус се лекуваат во единиците за интензивна нега, од кои 222 се под механичка вентилација.
Делта-варијантата сочинува повеќе од 97 отсто од новите случаи во Германија, но се верува дека напредокот на земјата во вакцинацијата помогнал да се спречат многу случаи на сериозни болести и хоспитализации.
До денеска, 52,2 милиони луѓе во Германија - 62,8 отсто од населението - примиле барем една доза вакцина против коронавирусот, додека 46,7 милиони луѓе - 56,1 отсто од населението - се целосно вакцинирани.