Ayhan Şimşek
26 Септември 2024•Ажурирај: 27 Септември 2024
БЕРЛИН (АА) - Германија ќе ѝ испрати на Украина дополнителни 400 милиони евра пакет воена помош во оружје за зајакнување на воените капацитети на Киев, изјави денес владиниот портпарол Штефен Хебестрајт, јавува Анадолу.
„Германскиот Парламент (Бундестаг) се согласи да го зголеми финансирањето за воена поддршка на Украина за околу 400 милиони евра“, истакна портпаролот Хебестрајт преку соопштение.
„Ова ќе овозможи купување на дополнителни капацитети за противвоздушна одбрана, тенкови, дронови, муниција и резервни делови, кои ефикасно ќе ги зајакнат Украинските вооружени сили во одбраната на нивната земја“, додаде тој.
Комисијата за буџетот на германскиот Парламент го одобри финансирањето откако украинскиот претседател Владимир Зеленски ги повика западните сојузници да ја засилат својата воена поддршка поради зголемените руски напади насочени кон критичната инфраструктура на земјата.
Од почетокот на војната во февруари 2022 година, Германија испорача или одвои за Украина оружје во вредност од 28 милијарди евра, според официјалните податоци.
Воената помош вклучуваше напредно оружје и опрема како борбените тенкови Леопард 2, противвоздушните тенкови Гепард, борбените возила Мардер, системите за противвоздушна одбрана Патриот и ИРИС-Т.