Ruslan Rehimov
18 Април 2022•Ажурирај: 19 Април 2022
КИЕВ (АА) - Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук објави дека не можат да постигнат договор за отворање на хуманитарните коридори за евакуација на цивилите, јавува Агенција Анадолија (АА).
„За жал, денес нема да бидат отворени хуманитарните коридори. Вчера имавме долги и тешки преговори за коридорите Мариупол, Бердјанск, Токмак, Енергодар. Преговорите се водени и за регионот Херсон и Луганск. Но Русите продолжуваат со бомбардирање и го спречуваат отворањето на хуманитарните коридори. Од безбедносни причини, денес е одлучено хуманитарните коридори да не се отвораат“, рече Верешчук.
Војната меѓу Русија и Украина, што започна со рускиот напад на 24 февруари, предизвика меѓународна осуда, доведе до финансиски санкции кон Москва и поттикна истапување на глобалните фирми од Русија.
Најмалку 1.982 цивили се убиени, а 2.651 се ранети во Украина од почетокот на војната, според податоците на Обединетите нации, а постојат стравувања дека вистинската бројка е многу поголема.
Повеќе од 4,8 милиони Украинци избегаа во други земји, а веќе седум милиони се внатрешно раселени, соопшти Агенцијата на ОН за бегалци.