Ayhan Şimşek
13 Март 2019•Ажурирај: 13 Март 2019
БЕРЛИН (АА) - Властите на Германија и Франција сметаат дека е сè посигурно сценариото на излез на Велика Британија од Европската Унија (ЕУ) без постигнат договор за идните односи и обврски, јавува Anadolu Agency (AA).
Британскиот Парламент синоќа го отфрли и ревидираниот предлог на договорот кој британската премиерка Тереза Меј, претходно го договори со челниците на ЕУ.
Шефот на германската дипломатија, Хеико Мас, изјави дека Брегзит без договор е сè поизвесен.
„Британските парламентарци со отфрлувањето на предлогот за договорот ја загрозија благосостојбата на граѓаните и економијата“, порача Мас.
Тој, исто така, порача дека Германија максимално е подготвена да ги амортизира и последиците на најлошото сценарио во врска со Брегзит.
„Меѓутоа сè уште се надеваме дека можеме да најдеме начин да го избегнеме нерегуларниот Брегзит. Тоа и понатаму останува на пратениците на британскиот Парламент“, порача Мас.
И властите на Франција соопштија дека со европските партнери се подготвуваат за Брегзит без договор.
„Париз во никој случај не може да ја прифати идејата на одложување на датумот за Брегзит, доколку Велика Британија нема веродостојна и алтернативна стратегија“, се наведува во соопштението од Елисејската палата, од каде се порача и дека нема повторно да се преговара со британските власти.
Велика Британија на 29 март ќе ја напушти ЕУ, бидејќи тој ден ќе бидат две години од активирањето на член 50.
Британскиот Парламент денес ќе гласа за предлогот на Брегзит без договор, а утре ќе гласа за предлогот за одложување на Брегзит.