Cüneyt Karadağ
24 Февруари 2021•Ажурирај: 25 Февруари 2021
БЕРЛИН
Врховниот суд во германскиот град Кобленц изрече затворска казна од 4,5 години за Ејад ел Гариб, поранешен вработен во сириското разузнавање, затоа што помагал во извршување злосторство против човештвото, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во одлуката на Судот се наведува дека поранешниот разузнавач на Асадовиот режим, Ејад ел Гариб, привел најмалку 30 демонстранти кои потоа ги пренел во затворот каде што била извршена тортура.
Се истакнува дека Ејад ел Гариб добил затворска казна од 4,5 години затоа што помагал во извршување злосторство против човештвото.
Меѓу другото, продолжува судењето на Енвер Раслан, вработен во сириското разузнавање.
Откриено е дека Раслан во Германија дошол во 2014, додека Гариб во 2018 година, а двајцата биле фатени во 2019 година во Берлин.
Се вели дека 57-годишниот Раслан се обвинува за извршување злосторство против човештвото во 2011 и 2012 година, како и за силување и 58 убиства.
Федералното главно обвинителство овој случај го смета за прва кривична постапка во светот против припадниците на Асадовиот режим поради злосторства против човештвото.