Ayhan Şimşek
30 Јуни 2017•Ажурирај: 01 Јули 2017
БЕРЛИН (АА) - Германскиот парламент денес го одобри законот за легализација на истополовите бракови, со што Германија стана четиринаесеттата земја во Европа што го сторила тоа, јавува Anadolu Agency (AA).
Предлогот беше одобрен од пратениците откако германската канцеларка Ангела Меркел го отвори патот за слободно гласање. Потегот значеше дека пратениците на партијата Демохристијанска унија не беа принудени да ја следат партиската линија.
Законот е одобрен со 226 гласа од 393, и четворица воздржани.
Меркел гласаше против мерката, но рече дека се надева оти резултатот дополнително ќе ја зајакне социјалната хармонија во Германија.
Повеќе од 70 пратеници од нејзината конзервативна партија Демохристијанска унија (ЦДУ) гласаа за легализирање на истополовите бракови, додека мнозинството гласаше против.
Демохристијанската унија, која ужива големо мнозинство во парламентот, долго се спротивставуваше на легализацијата на истополовите бракови, но изрази поддршка за други чекори за да се стави крај на дискриминацијата на двојките од ист пол.
Меѓутоа, со изненадувачки потег во понеделникот (неколку недели пред општите избори закажани за 24 септември) Меркел објави дека пратениците треба да можат да одлучуваат за истополовите бракови врз основа на своите лични ставови, наместо да ги следат партиските насоки.
Социјалдемократите, ривали на германската лидерка, и другите опозициски партии ја направија темата за истополовиот брак една од централните теми за време на претходните изборни кампањи.
Според анкетата спроведена од страна на „YouGov“ минатиот месец, 66 отсто од Германците ги подржаа истополовите бракови, а 26 отсто биле против.